НОВОСТИ
НОВОСТИ
ВЕСТИ / НОВОСТИ / РЕАКЦИИ И СООПШТЕНИЈА
Справувањето со насилството нема свое место во политиките на МОН
Остра реакција на Мрежата за заштита од дискриминација и Платформата за родова еднаквост Во период кога физичкото насилство во училиштата ги полни медиумите во Македонија и регионот и јавноста се …
ОБЈАВЕНО НА 12 СЕПТЕМВРИ 2025 ОД ADMIN
Oстра реакција на Мрежата за заштита од дискриминација и Платформата за родова еднаквост
Во период кога физичкото насилство во училиштата ги полни медиумите во Македонија и регионот и јавноста се згрозува од деталите на настаните, Министерството за образование и наука наместо да преземе одговорност и преземе соодветни мерки, воспоставува политики коишто го уназадуваат справувањето со насилството и создава средина во која предрасудите и насилството ќе бидат толерирани и несанкционирани.
На 7.7.2025, Министерството за образование и наука усвоило нов Правилник за начинот на пријавување и заштита на ученик-жртва на која било од формите на насилство, злоупотреба и занемарување. Овој Правилник претставува директно уназадување на напорите вложени во 2019 и 2020 година, кога со поддршка на експертската и граѓанската заедница беше изработено упатство усогласено со европските стандарди и меѓународните обврски на државата.
Новиот Правилник ќе биде погубен за напорите за справување со насилството, нема да даде резултати и нема да превенира нови случаи на насилство. Наместо да овозможи вистинска заштита, тој ги лишува училиштата од можноста да ги препознаат мотивите зад насилството и да преземат ефикасни мерки за превенција, оставајќи го целиот систем слеп пред најчестите форми на дискриминација и насилство.
Прво, Министерството за образование и наука го усвоило Правилникот без консултација со здруженијата што работат на темата насилство во училиштата и помеѓу врсници. Таквото нетранспарентно усвојување на акти продуцира решенија коишто ја занемаруваат експертизата на здруженијата коишто работат на терен. Дополнително, таквото нетранспарентно усвојување е спротивно на Кодексот на добри практики за учество на граѓанскиот сектор на креирање политики, како и со препораките на Комитетот на министри на Советот на Европа.[1] Иако мрежите реагираа уште од моментот на најава за измените на Законот за основно образование, Министерството упорно ги игнорира овие укажувања и продолжува да носи одлуки зад затворени врати.
Второ, Правилникот е сосема спротивен на стандардите за човековите права и слободи. Поставен на овој начин, Правилникот е во директна колизија со Уставот и законите спречување и заштита од дискриминација и за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, како и Истанбулската конвенција, и Конвенцијата за правата на детето. Правилникот, во формата во каква што е, не ги исполнува тие стандард бидејќи во формуларот за пријавување на насилство се исклучени клучни елементи. Во формуларот се тргнати прашањата дали насилството е родово-базирано насилство или пак насилство врз лична карактеристика (сексуална ориентација, род, родов идентитет итн) и, дали насилството е мотивирано од омраза и/или предрасуди. Во својата борба да ги избрише и невидливи ЛГБТИ децата од образовниот систем, Министерството со новиот Правилник всушност го исклучува и препознавањето на сите маргинализирани категории. Со ова, невидливи стануваат и децата од сиромашни и економски помалку моќни семејства, децата кои живеат во еднородителски или неконвенционални семејства, како и децата кои веќе биле жртви на насилство. Наместо систем за заштита кој ја препознава ранливоста и делува превентивно, добиваме систем кој свесно избира да не ги гледа оние деца што најмногу му се потребни. Дополнително, не може ни да се очекува дека родовите стереотипи, како на пример дека девојче не може да биде возач на камион, или пак дека момче не смее да плаче, ќе бидат сузбиени, бидејќи доколку тие стереотипи биле причини да се стори насилство, истите нема да бидат регистрирани при пријава на насилство. Таквото адресирање или „справување“ со насилствата во училиштата, коишто се сè почести и посериозни, е површно и нема да вроди со никакви резултати.
Истовремено, особено сме огорчени и загрижени што ваквиот нов Правилник, коишто не ги вклучува личните карактеристики на децата, доаѓа по бројни студии коишто потврдуваат дека дискриминација и насилство има на сите нивоа во образовниот систем, вклучувајќи го и основното образование. ЛГБТИК+ учениците во Северна Македонија често се изложени на дискриминација, на вербално и физичко насилство во образовните институции. Насилството е честопати систематско, а училиштата ретко нудат соодветен одговор или поддршка, што придонесува кон дополнителна маргинализација и психолошки последици кај овие ученици.
Ваквиот Правилник ги исклучува личните заштитени карактеристики на децата, токму во момент кога статистиката и искуствата покажуваат дека младите лица се најчесто вклучени во пристрасно мотивирани инциденти – и како сторители и како жртви.[2] Иако бројките укажуваат на сериозен проблем, надлежните институции и понатаму не водат соодветна официјална статистика за пристрасно мотивираните инциденти, што е нотирано години наназад од Европската комисија.[3]
Истовремено, не заостануваат ниту случаи на сексуално насилство врз девојчиња, случаи од кои јавноста беше згрозена и дадоа внимание на тоа како образовните установи се справуваат со насилството врз девојчињата. Особено е загрижувачки што овој Правилник доаѓа по напливот на анти-родови и анти-демократски движења во државата, што беше препознаено и во Извештајот на Европската комисија за Северна Македонија за 2024.[4]
Имајќи го предвид горенаведеното, бараме од Министерството за образование и наука да го ревидира Правилникот, со што родово-базираното насилство, насилството од омраза, родовите стереотипи и дискриминацијата врз маргинализираните заедници ќе бидат препознаени. Исклучиво на тој начин можеме да кажеме дека Министерството е сериозно во своите јавно-искажани намери за сузбивање на насилството и стереотипите во училиштата.
_________________________
[1] Committee of Ministers, Recommendation of the Committee of Ministers to member states on the Council of Europe Charter on Education for Democratic Citizenship and Human Rights Education, 2010, достапна на: https://search.coe.int/cm#{%22CoEIdentifier%22:[%2209000016805cf01f%22],%22sort%22:[%22CoEValidationDate%20Descending%22]} .
[2] Хелсиншкиот комитет, само во 2023 година, регистрираше 197 случаи во кои беа опфатени 213 жртви и 292 сторители, од кои дури 142 жртви (67%) и 132 сторители (45%) се малолетници. Во 2024 година, беа евидентирани 113 случаи со 103 жртви и 155 сторители, од кои 60 жртви (58%) и 83 сторители (54%) се малолетници. Хелсиншки комитет за човекови права, „Годишен извештај за криминалот од омраза во 2023“ (2024). Достапно на https://zlostorstvaodomraza.com/izvestai/.
[3] Европска комисија, Северна Македонија 2019 Извештај, Брисел, 29 мај 2019, стр. 20, 24, 30, 31., Европска комисија, Северна Македонија 2020 Извештај, Брисел, 6 октомври 2020, стр. 32., Европска комисија, Северна Македонија 2021 Извештај, Брисел, 19 октомври 2021, стр. 32., Европска комисија, Северна Македонија 2023 Извештај, Брисел, 12 октомври 2023, стр. 32 – 35.
[4] European Commission, North Macedonia Progress Report 2024, стр. 37.
ОБЈАВЕНО ВО ВЕСТИ, НОВОСТИ, РЕАКЦИИ И СООПШТЕНИЈА
ВЕСТИ / НОВОСТИ / РЕАКЦИИ И СООПШТЕНИЈА
Мрежата за заштита од дискриминација бара од Собранието да избере стручно и независно лице на функцијата Народен правобранител
Собранието на Република Северна Македонија на седницата одржана на 10 јули 2025 година донесе Одлука за распишување оглас за избор на Народен правобранител, објавена во Службениот весник бр.143 од 16 …
ОБЈАВЕНО НА 25 ЈУЛИ 2025 ОД ADMIN
Собранието на Република Северна Македонија на седницата одржана на 10 јули 2025 година донесе Одлука за распишување оглас за избор на Народен правобранител, објавена во Службениот весник бр.143 од 16 јули 2025 година. Рокот за пријавување на кандидатите е 10 дена од денот на објавување на одлуката во Службен весник, односно, до 26 јули 2025 година. По завршување на рокот за пријавување, Собранието треба да ја објави листата на пријавени кандидати заедно со документите кои ги приложиле до Комисијата за прашањата за изборите и именувањата, и да ја спроведе постапката за избор на Народен правобранител.
Во пресрет на изборот, Мрежата за заштита од дискриминација бара од Собранието на оваа значајна функција да избере стручно и независно лице, со цел да се овозможат реформи во работењето на оваа институција, која со години наназад не успева да обезбеди ефикасна и ефективна заштита на правата на граѓаните.
Да се има силна, независна и непристрасна институција Народен правобранител е важно и заради непречено спроведување на принципот на владеење на правото и за почитувањето на човековите права како основен предуслов за напредок во евроинтеграциските процеси. Агенцијата за темелни права на Европската Унија препорачува обезбедување на поголема транспарентност при процесите на избор и нивна отвореност за најголем број на кандидатки и кандидати, како и вклученост на Собранието, но и на независни актери во процесот. Дополнително, Европската комисија во континуитет нѐ потсетува дека е потребно именување на членови на независните тела засновано врз заслуги со што ќе се осигура нивната компетентност и интегритет. Ова несомнено важи и за идниот Народен правобранител.
Во спротивно, јасно се покажува недостатокот на волја за унапредување и почитување на правата на граѓаните и негрижа за доборосостојбата и напредокот на земјата. Народниот правобранител е последната институција во која треба да се именуваат нестручни партиски кадри, бидејќи на ваков начин се повредуваат одредбите од Уставот кои гарантираат независност на институцијата.
Мрежата за заштита од дискриминација потсетува дека согласно Одлуката, за Народен правобранител може да биде избрано лице кое ги исполнува општите услови определени со закон за засновање работен однос, да е државјанин на Република Северна Македонија, дипломиран правник кој има работно искуство над девет години на правни работи и чија активност е докажана во областа на заштитата на правата на граѓанинот и ужива углед за вршење на функцијата народен правобранител. Апелираме до сите пратеници и парламентарни политички партии да се воздржат од партиски преговарања и да спроведат транспарентен, инклузивен и фер процес за избор на следниот Народен правобранител.
Уште еднаш апелираме до сите парламентарни политички партии да ја сфатат и да ја поддржат заложбата за непартиски кандидат, да не ја гледаат оваа институција како уште една можност за партиски вработувања, со што ќе покажат вистинска и не само декларативна грижа за човековите права и слободи на граѓаните.
ОБЈАВЕНО ВО ВЕСТИ, НОВОСТИ, РЕАКЦИИ И СООПШТЕНИЈА
ВЕСТИ / НОВОСТИ / РЕАКЦИИ И СООПШТЕНИЈА
Остра реакција на Мрежата за заштита од дискриминација на изјавите на Претседателот на Владата Христијан Мицковски
За време на настанот „Демографски трендови, предизвици и можни решенија – Развој на стратешки документи за демографска отпорност“, Претседателот на Владата Христијан Мицковски изјави дека се разгледува можноста за воведување …
ОБЈАВЕНО НА 04 ЈУЛИ 2025 ОД ADMIN
За време на настанот „Демографски трендови, предизвици и можни решенија – Развој на стратешки документи за демографска отпорност“, Претседателот на Владата Христијан Мицковски изјави дека се разгледува можноста за воведување дополнителни даноци за неженети и немажени лица. Таквата изјава е длабоко загрижувачка и претставува закана за основните човекови права и принципите на еднаквост и слобода.
Мрежата оценува дека ваквата најава односно идна мерка не само што би била ретроградна, туку е и дискриминаторска, бидејќи:
Ги крши човековите права односно правото на избор, правото на приватен и семеен живот и правото на планирање семејство, животен стил, семејна состојба и иднина.
Го стигматизира секој кој не живее во брачна заедница – било од избор, било од околности.
Ги удира младите, самохраните родители, ЛГБТИ+ лицата и оние кои се социјално и економски ранливи.
Не придонесува кон развој на општеството, туку отвора врата за нови поделби, стигма и нееднаквост.
Потсетуваме дека со член 25 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот. Дополнително, вонбрачната заедница е регулирана и заштитена со Уставот на Република Северна Македонија.
Ваквиот предлог јасно кореспондира со идеите кои доаѓаат од авторитарни режими[1], кои преку ретроградни наративи имаат за цел насилно зголемување на наталитетот. Наместо казнување на личните избори преку даночен систем, потребни се политики кои ги поддржуваат младите семејства, достапни градинки, сигурно вработување, родова еднаквост и слободен избор на партнерство и родителство.
Животниот стил не е основа за оданочување. Во демократска и современа држава, бракот треба да биде слободен избор, а не даночна обврска.
Ја повикуваме Владата, како орган којшто е овластен предлагач на закони и политики, да се воздржи од иницијативи кои поттикнуваат дискриминација, а институциите – да застанат во одбрана на правата на сите граѓани, без разлика на нивниот брачен статус. М
_____________________
[1] Иницијатива на рускиот пратеник Андреј Гуруљов за воведување „данок за бездетност https://www.intellinews.com/russian-mp-proposes-childlessness-tax-346767/
_____________________
ОБЈАВЕНО ВО ВЕСТИ, НОВОСТИ, РЕАКЦИИ И СООПШТЕНИЈА
ВЕСТИ / НОВОСТИ / РЕАКЦИИ И СООПШТЕНИЈА
Јавна реакција на Мрежата за заштита од дискриминација по повод Предлог-законот за верски училишта
Предлог-законот е противуставен, правно неусогласен и опасен обид за поткопување на секуларниот карактер на државата Мрежата за заштита од дискриминација остро реагира против Предлог-законот за верски училишта објавен на Единствениот …
ОБЈАВЕНО НА 04 ЈУЛИ 2025 ОД ADMIN
Предлог-законот е противуставен, правно неусогласен и опасен обид за поткопување на секуларниот карактер на државата
Мрежата за заштита од дискриминација остро реагира против Предлог-законот за верски училишта објавен на Единствениот национален електронски регистар (ЕНЕР), сметајќи го за противуставен, правно неусогласен и опасен обид за поткопување на секуларниот карактер на државата и за институционализација на верското образование во системот на формално образование. Предлогот е спротивен на Уставот и на Законот за средно образование.
Предлог-законот е во колизија со Уставот на Република Северна Македонија. Слободата на верските заедници да основаат верски училишта е загарантирана со чл. 19 од Уставот, но овие училишта можат да бидат исклучиво од верски карактер, а не од редовен гимназиски, стручен или уметнички тип. Дополнително, чл. 22 од Законот за правна положба на црква, верска заедница и религиозна група дозволува основање верски образовни установи од сите степени освен основното образование, исклучиво за школување на свештени лица и верски службеници. Овој закон претставува lex specialis и не може да биде дерогиран со нов закон. Оттаму, не може верските училишта да се третираат како редовни средни училишта со право за упис на секој факултет.
Одлуката на Уставниот суд У.бр. 182/2021 објавена на 29 мај 2024 година потврдува дека системот на верско образование мора да биде целосно одвоен од граѓанското образование и дека секој обид за нивно мешање претставува повреда на уставниот принцип на секуларност и одвоеност на државата и верата. Одлуката е достапна на следниот линк: https://ustavensud.mk/archives/33087.
Законот за средно образование (чл. 7) изречно забранува верско организирање и дејствување, организирање на верско образование, како и истакнување верски обележја во средните училишта. Законодавецот направил јасна разлика помеѓу редовни и специјализирани училишта, каде што вторите се наменети исклучиво за задоволување на внатрешни потреби на верските заедници.
Предлог-законот не содржи механизми за надзор, санкции или контрола. Не е утврдено кој ќе биде надлежен за негово спроведување, кој ќе следи дали се почитуваат предвидените одредби и кој ќе изрекува мерки во случаи на прекршувања. Дополнително, се отвора можност верските училишта да добиваат средства од државниот буџет, додека контролата на трошењето да ја имаат самите верски заедници.
Членот 4 од предлог-законот предвидува верските училишта сами да издаваат јавни исправи врз основа на свој статут, што е спротивно на постојните правила каде формата и содржината на свидетелствата се утврдени од Министерството за образование и наука. Прашањето за еквиваленција на таквите дипломи останува нерешено.
Законскиот текст се повикува на засебност и автономија на верските училишта, но паралелно бара нивно изедначување со државните училишта во однос на правата на учениците. Ваквиот пристап е контрадикторен и правно неизводлив.
Членот 6 став 2 не утврдува јасни критериуми за наставен кадар, туку остава правна празнина во однос на тоа кој може да предава религиозни содржини. Исто така, постои правна неусогласеност меѓу член 7 став 8 и став 11, што создава недефинирани односи помеѓу основачот и Министерството во однос на верификација на наставниот план. Членот 11 е особено спорен бидејќи овозможува државна матура како услов за упис на секој факултет, додека во исто време дозволува и запишување на верски факултети без положување на матура. Оваа двојна регулација отвора простор за злоупотреби, нерамноправност и институционална дискриминација.
Мрежата за заштита од дискриминација бара итно повлекување на Предлог-законот и повикува Владата да се придржува до уставниот принцип на секуларност. Усвојување на ваков закон претставува сериозно отстапување од демократските и граѓански вредности и директна закана за правата на учениците и интегритетот на образовниот систем.
Контакт: mrezazazastitaoddiskriminacija@gmail.com
ОБЈАВЕНО ВО ВЕСТИ, НОВОСТИ, РЕАКЦИИ И СООПШТЕНИЈА
ВЕСТИ / НОВОСТИ / РЕАКЦИИ И СООПШТЕНИЈА
МРЕЖАТА ЗА ЗАШТИТА ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА БАРА ПОВЛЕКУВАЊЕ НА ПРЕДЛОГОТ ЗА ИМЕНУВАЊЕ НА ПЕТАР БОГОЈЕСКИ
Со одлука на Владата, Петар Богојески е именуван како директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност (Еразмус +) и треба да ја преземе функцијата на 15 мај …
ОБЈАВЕНО НА 15 ЈУЛИ 2025 ОД ADMIN
Со одлука на Владата, Петар Богојески е именуван како директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност (Еразмус +) и треба да ја преземе функцијата на 15 мај 2025 година. Мрежата за заштита од дискриминација бара повлекување на одлуката за именување на Петар Богојески како директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, поради неговите изјави со вознемирувачки говор, навреди и говор на омраза, како и постапки кои се спротивни на европските вредности.
Програмата Еразмус+ се стреми кон промоција на еднакви можности и пристапност, инклузија, диверзитет и правичност во сите активности кои ги поддржува. Програмата исто така ги цени националните агенции како клучни во поддршката на проекти кои овозможуваат што е можно поголема инклузивност и застапеност на различноста. За постигнување на овие цели, постои Рамка за мерки за инклузија и Стратегија за инклузија и прифаќање различности.[1]
Сметаме дека назначување на човек кој со своето однесување на социјалните медиуми секојдневно ги гази овие принципи и ги презира луѓето кои ги почитуваат, не само што не е основано, туку претставува и навреда на Програмата која постои повеќе од 35 години и која постојано вложува во развојот на младите. Истовремено сме и крајно загрижени од реакцијата на Министерката за образование која на укажувањата на повеќе чинители во општеството, вклучително и на Министерот за европски прашања изјавува дека неговата работа ќе се следи со поголем фокус.[2]
Од друга страна, јавноста подолго време ја има можноста да го следи работењето на именуваниот директор – преку неговите изјави и коментари на социјалните мрежи. Мрежата за заштита од дискриминација интегрално ги пренесува искажаните изјави и однапред се извинува за цитирање на зборови коишто не се соодветни за било каква комуникација, особено не од страна на именувани функционери.
Искажани ставови и начин на комуникација
Преку неговите социјални мрежи (во прилог), именуваниот директор Петар Богојески има употребено вознемирувачки говор, навреди, говор на омраза и/или поттикнување на дискриминација, нетолеранција и/или насилство кон следниве заедници:
Македонци – Во коментари кон неговите следбеници кои искажале спротивно мислење од неговото, има изјавено „нема попросто од македонче!“, „па пола од Македонците немаат прочитано една книга во животот и мислат дека Букефал бил крал!“ и „Нема позабеган народ од нас“. Во други преписки, се обраќа до граѓаните со зборовите „овци“, „магаре“, „стока јаничарска“, „стоко една“, „дебил“, „стоко неписмена“ итн.
Албанци – При обраќање до албанското малцинство, неретко го користи зборот „шиптар“ и има изјавено „шиптар може само коза да ебе! За друго не го бива“.
Жени – При онлајн препукување со негови следбеници, има реферирано на нечии сопруги, мајки, вујни итн. При преписка со следбеничка за промена на грбот, има изјавено „на грбот ништо, на вас ви фали почитувана госпоѓо. Ама тоа е Божја работа, не сте вие виновни.“ Поради контекстот, конкретната преписка можете да ја најдете во прикачените фотографии.
Лица што живеат со ХИВ – Во преписки со следбеници за изглед на луѓе што се поддржувачи на друга идеологија, има изјавено „оф завалијата со ХИВ68“, „незнаат да читаат…загреота се! Ги потепа ХИВ68“, „сериозно е ова пореметување поради ХИВ68“ и „не може фајде со зараза од ХИВ 68“.
Политичка основа: Во други наврати, преку својот профил, именуваниот директор Петар Богојески упатува навреди кон неистомисленици („, „има ли поглупо нешто од левичар“, , „абе вие на зајко измеќарите со јованка и до Дубаи отидовте! Баве тоа шутрачаааната“).
Користење на навредлив и вознемирувачки говор: Во преписка со следбеник, којшто исто користи вознемирувачки говор, именуваниот директор Петар Богојески изјавува „ти провери ги тоа твоите околу тебе чиви копилиња се! Да не испадне комшијата замешан?“. На прашање на следбеник дали поставеното прашање е наградно, Богојески одговара со „да! Ќе добиеш патување во Газа.“
Претходни постапки
Богојески е обвинет за ширење на говор на омраза, особено преку социјалните мрежи. Во август 2024 година, Коалицијата „Вреди“ поднесе кривична пријава против него за објави на Фејсбук кои се сметаат за поттикнување на национална, расна и верска омраза.[3]
Активисти од повеќе граѓански здруженија (Селма Ризвановиќ Мандал – Здружение на жени ЕДУ НИСА Скопје, Аделаид Каришиќ – Бошњачки Истражувачки Центар Скопје, Изета Бабачиќ – Здружение на бошњачката жена Диванхана Скопје, Мерсиха Смаиловиќ – Здружение на граѓани ЛЕГИС Скопје, Мухамед Шукурица – Форум на Бошњаците во Македонија и Јусуф Чоловиќ – Здружение на граѓани НАФАКА) до Министерството за внатрешни работи поднесоа пријава за говор на омраза и закани до Петар Богојески, државен советник во Министерството за одбрана.[4] Поради свои искажани ставови, Богојески доби и отказ од страна на Министерството за одбрана.[5]
Ширење дезинформации
На 3 декември 2023, Богојески одржа прес пред МВР и Обвинителството, објавувајќи опасна, етнички обоена дезинформација за грабнувањето на Вања Ѓорчевска, со која ги разгоре социјалните мрежи. Тој тврдеше дека властите прикриваат убиство, наведувајќи дека „осомничените биле пуштени на слобода од полициска станица“ и прашувајќи „дали се веќе пренесени на Косово?!?“
Токму поради ваквите шпекулации дека случајот има етничка позадина, од Јавното обвинителство во своето соопштение од 3 декември 2023 година нагласија дека сите петмина осомничени за убиството се Македонци.[6]
*****
Ваквите ставови и начин на комуникација немаат простор во јавниот дискурс, особено не од страна на именуван функционер. Нема простор ниту за минимизирање на искажаните ставови на Богојески од страна на претставници на Владата, изјавувајќи дека „неговата работа посебно ќе се следи, поради реакциите во јавноста, но засега не може ништо да се комeнтира“. Агенцијата со којашто треба да раководи Богојески има мандат да „ја зајакнува улогата на доживотното учење во создавање на чувство за европско граѓанство засновано на разбирање и почитување на човековите права и демократијата и охрабрување на толерантноста и почитта кон другите народи и култури“. Целта на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност е да работи на промоција и спроведување на европските програми во областа на образованието, обуката, младите и спортот во Република Северна Македонија. Националната агенција со остварување на овие програми придонесува во развојот на заедницата како општество засновано на напредно знаење, со одржлив економски развој, повеќе и подобри работни места и поголема социјална кохезија, истовремено обезбедувајќи заштита на средината за идните генерации а особено размена, соработка и мобилност во областа на образованието и обуката. Ставовите и изјавите на Богојески се спротивни на вредностите кои ги промовираат европските програми како Еразмус+, што го прави несоодветен за водечка позиција во институција која има за цел промовирање на европски вредности, инклузивност и меѓукултурна соработка.
Имајќи го предвид горенаведеното, Мрежата за заштита од дискриминација бара повлекување на именувањето на Петар Богојески од функцијата директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.
___________________
[1] https://erasmus-plus.ec.europa.eu/about-erasmus/history-funding-and-future
[3] https://24.mk/details/koalicijata-vredi-so-krivichna-protiv-petar-bogojeski
[6] https://vistinomer.mk/bura-od-dezinformacii-go-poplavi-ubistvoto-na-vanja/
________________________
ОБЈАВЕНО ВО ВЕСТИ, НОВОСТИ, РЕАКЦИИ И СООПШТЕНИЈА
ВЕСТИ / НОВОСТИ / РЕАКЦИИ И СООПШТЕНИЈА
Насилството, дискриминацијата и незнаењето во формалното образование се новото „нормално“ што го промовираат Владата, Парламентот и Претседателката на државата
За неполна седмица мнозинството пратеници изгласаа трет штетен закон во образованието без јавна дебата – спротивен на интересите и потребите на децата и младите. Платформата за родова еднаквост и Мрежата …
ОБЈАВЕНО НА 11 АПРИЛ 2025 ОД ADMIN
За неполна седмица мнозинството пратеници изгласаа трет штетен закон во образованието без јавна дебата – спротивен на интересите и потребите на децата и младите.
Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација остро реагираат на усвојувањето на третиот последователен штетен закон во областа на образованието – Законот за средно образование. Со најновите измени на законите за основно и средно образование се озаконува насилство и дискриминација врз децата, а младите остануваат без пристап до здравствена едукација базирана на докази.
И покрај епидемијата на насилство меѓу младите, новиот Закон за средно образование не ја препознава дискриминацијата како форма на насилство и освен физичкото насилство не препознава емотивно, психичко и сексуално насилство. Законот целосно пропушта да предложи мерки за унапредување на сексуалното и репродуктивното здравје на младите, и покрај поразителните податоци.
Ниту една стручна или младинска организација не побара вакви измени. Загрижува што пратеници од ВМРО-ДПМНЕ од парламентарната говорница отворено изразија поддршка за т.н. „загрижени родители“ – групи кои под превезот на „заштита на децата“ шират говор на омраза, дискриминација и теории на заговор, вклучително и против вакцинацијата и здравствената едукација. За илустрација – Претставници од движењата коишто беа консултирани за овие измени сметаат дека луѓето коишто се вакцинирани се ГМО и веќе не се луѓе и со тоа не уживаат човекови права. Истите групи со години оркестрираат напади врз експерти, активисти, новинари и маргинализирани заедници. Особено разочарува што првата жена-претседателка на државата ги поддржа барањата на овие радикални структури и ги потпиша указите за овие закони, иако фактите укажуваат дека тие ќе имаат долгорочни и штетни последици за младите.
Со тоа, Владата, Парламентот и Претседателката дејствуваат во спротивност интересите на своите граѓани, национални и меѓународни заложби и препораки што државата ги има добиено изминатава деценија од телата на Обединетите Нации за почитување на човековите права, со заложбите преземени во рамки на Целите за одржлив развој – особено Целта број 5 за унапредување на родовата еднаквост – како и со националното законодавство за заштита од дискриминација и Националната развојна стратегија на државата.
Сите три закони беа донесени по скратена постапка, без јавна расправа и без вклучување на експерти и млади – што претставува сериозно загрозување на демократијата и човековите права. Со исклучување на здравствената едукација, и со бришење на темите поврзани со родова еднаквост, сексуално и репродуктивно здравје, државата не само што ги негира реалностите со кои се соочуваат младите, туку свесно ги препушта на дезинформации, стигматизација, насилство и дискриминација.
Ја потсетуваме Владата која декларативно изразува грижа за младите и промовира популациона политика, дека незнаењето за сексуалното и репродуктивно здравје во практика – ја намалува возраста на стапувања во први сексуални односи кај младите, ја зголемува стапката на малолетничка бремености и раѓања, стапката на небезбедни абортуси кај малолетниците, сексуално преносливите инфекции, и ги зголемува здравствените ризици и неплодноста кај популацијата.
Потсетуваме на алармантните податоци кај нас кој треба да ги загрижат сите родители, наставници и граѓани:
Податоците за насилство дискриминацијата и здравјето кај младите се алармантни и треба да ги загрижат сите родители, наставници и граѓани на оваа држава:
Насилството е нормализирано во Македонија, се почести се случаите на вознемирување, сексуално насилство, малтретирање и силување кај младите извршено од малолетници, како во училиштата, така и во јавните простори;
Стапката на просечно стапување на прв сексуален однос кај младите во Македонија изнесува 15 години односно 16 години за девојчињата. За споредба со земјите каде здравствената едукација е интегрирана во училишните програми, младите го одложуваат влегувањето во прв сексуален однос, некаде дури и до 19 годишна возраст;
Стапката на тинејџерска бременост во 2023 година изнесува 13.4 на 1000 девојки на возраст од 15-19 години;
Младите на возраст од 15 до 18 години се најмногу изложени на насилство за разлика од другите возрасни групи во државата и младите кои ѝ припаѓаат на ЛГБТИ задницата се и до четирипати почесто малтретирани во училиште од хетеросексуалните врсници.
Дополнително, 15-годишници со хомосексуална и бисексуална ориентација страдаат два или повеќе пати почесто во споредба со своите хетеросексуални врсници, честопати со повеќе психосоматски симптоми (74%), чувства на тага и безнадежност (47%) или со сериозни самоубиствени мисли (30%).
Само во периодот од 2021-2023 се документирани 82 случаи на насилство во образованието врз ЛГБТИ млади, при што образованието е втора област по ред со најмногу документирани случаи на институционално насилство врз ЛГБТИ, после здравството.
Оттука, нашите барања остануваат непроменети:
Владата и Парламентот да ги реобмислат законите во образованието кои директно им штетат на здравјето на младите.
Отворање на широка дебата со младите, младинските организации, стручните здравствени организации и кои работат на заштита на правата на маргинализираните заедници, и подготовка на измени на Законот за основно образование, Законот за средното образование и Законот за учебници за основно и средно образование базирани на докази и наука, и во согласност со меѓународните документи за заштита на човекови права со кои суштински ќе се покаже вистинска грижа за младите.
Да обезбедат соодветни средства за спроведување на Законот за млади и да се инвестира во младинските центри во кои ќе се креираат безбедни простори за младите, обезбедат психолошки и здравствени услги за младите ширум државата.
Одржување на надзорна расправа за предизвиците и препреките во имплементација на Законот за спречување и заштита од дискриминација пред Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот.
Итно и неодложно спроведување на подзаконски акти за заштита на децата од насилство и дискриминација во училишта.
Уште еднаш бараме од Претседателката Сиљановска-Давкова да не го потпишува Указот за Законот за средно образование и покрај тоа што со потпишувањето на претходните два закони ги погази своите декларативни и кампањнски заложби за родовата еднаквост и недискриминација.
________________________
ОБЈАВЕНО ВО ВЕСТИ, НОВОСТИ, РЕАКЦИИ И СООПШТЕНИЈА
ВЕСТИ / НОВОСТИ / РЕАКЦИИ И СООПШТЕНИЈА
Собранието ја урива суштината на КСЗД преку именување членови под партиски клуч кои не ги исполнуваат законските услови
На 02.04.2025 година во Собранието на Република Северна Македонија се одржа 24та седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на која утврди Предлог – одлука за избор на …
ОБЈАВЕНО НА 04 АПРИЛ 2025 ОД ADMIN
На 02.04.2025 година во Собранието на Република Северна Македонија се одржа 24та седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на која утврди Предлог – одлука за избор на член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, во неполни 24 часа откако се одржа седницата за јавна расправа. Комисијата за прашања на изборите и именувањата до пратениците на Собранието го предложува Вецко Здравески за иден комесар со мандат од пет години, кандидат кој е партиски кадар и не ги исполнува критериумите за избор. Мрежата за заштита од дискриминација бара Собранието на Република Северна Македонија да не го прифати овој предлог и да не го изгласа овој кандидат како иден член на КСЗД.
Мрежата за заштита од дискриминација потенцира дека избирањето на овој кандидат за член на КСЗД не само што не e во служба на заштитата на човековите права, туку и би било погубно за човековите права, еднаквоста и недискриминацијата во нашата држава. Спроведеното интервју со кандидатот, неговото претставување, а особено одговорите на прашањата од публиката беа на незадоволително ниво по сите стандарди за избор на член на телото за еднаквост. Неговото интервју јасно покажува дека кандидатот не се чувствува сигурно при изговарање на некои од основите за дискриминација, како, на пример, зборовите „сексуална ориентација“ и „транс жена“. Ваквиот однос ни укажува на целосно непочитување кон маргинализираните заедници, кои истовремено се едни од најчесто дискриминираните лица, и создава реално сомнение дека кандидатот кога би бил член на КСЗД би постапувал непристрасно и професионално кон сите граѓани. Од друга страна, сосема е нејасно како Комисијата утврдила дека кандидатот ги исполнува законските критериуми и е експерт за заштита од и спречување на дискриминација, кога на седницата немаше повеќе од 10% вкупниот број членови на Собранието, а од неговата биографија воопшто не произлегува ваква експертиза, па дури ни интерес.
https://youtu.be/dcTaIeeqAw8?si=bf-suGzZXChn_pZv
Дополнително, кандидатот Вецко Здравески претходно бил член на Комисијата за верификација на факти, согласно Законот за лустрација, процес кој предизвика јавна загриженост и беше предмет на критика од страна на Европската Унија, во однос на можни неправилности и повреди на човековите права. За дел од работата во оваа Лустрациска комисија, кандидатот Вецко Здравески бил обвинет заедно со Антонијо Милошоски во случајот „Моќник“. Случајот беше затворен поради застареност на кривичните дела, а како директна последица на измените на Кривичниот законик.
Мрежата за заштита од дискриминација потенцира дека изборот на член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација повторно се прави по партиски клуч и со партиски кадри. Имено, кандидатот Вецко Здравески е несомнено симпатизер од владеачката ВМРО–ДПМНЕ и неговата наклонетост кон оваа партија тој јавно ја изразувал во неколку наврати, дури и директно со зборовите: „ВМРО е судбина и иднина за Татковината“. Ваквиот избор на партиски кадри без искуство и знаење од областа значи ризикување на досега постигнатите резултати од областа на антидискриминација, клучна и за процесот на интеграција во ЕУ. Изборот на кандидати коишто не ги исполнуваат законските услови и кај кои има сомнежи за нивната независност или непристрасност не може да резултира со мислења коишто ќе ги заштитат жртвите на дискриминација.
КСЗД е независно тело за еднаквост чија ефикасност, непристрасност и исполнување на надлежностите е директно зависно од знаењата, екпертизата и интегритетот на комесарите/ките. Кандидати кои немаат знаења и се избрани по партиски клуч не можат да штитат и да превенираат од дискриминација, особено имајќи предвид дека тие мандатот го должат на партиите, а не на сопственото знаења и искуство. Оттука, наместо еднаквоста на граѓаните, овие кандидати ќе ги штитат партиските и личните интереси од позиција на членови на КСЗД.
Помеѓу кандидатите имаше и независни експерти, со долгогодишно докажано искуство во областа на антидискриминацијата и човековите права, кои при самото претставување укажаа на важноста на избор на независен кандидат. Оттука, сметаме дека Собранието можеше да направи избор на квалитетни кандидати кои уште повеќе ќе ја унапредат работата на КСЗД. Законските критериуми за избор на членови на КСЗД се: седум години работно искуство од областа на човековите права од кои пет години во областа на еднаквост и недискриминација; 240 ЕКТС кредити; да е државјанин/ка на РСМ; во моментот на изборот со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна затвор од над шест месеци или забрана за вршење на професија, дејност или должност и да не е носител на функција во политичка партија.
Од друга страна, загрижува праксата на закажување седници на нетранспарентен и неинклузивен начин мораме да потенцираме и дека седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата беше организирана на нетранспарентен начин, со тоа што поканата за учество на расправата беше пратена во последниот работен ден пред одржување на расправата.
Оттука, Мрежата за заштита од дискриминација бара Собранието да не го именува кандидатот предложен од Комисијата за прашања на изборите и именувањата и да избере независни кандидати/ки по заслуга, кои ги исполнуваат законските критериуми.
________________________
ОБЈАВЕНО ВО ВЕСТИ, НОВОСТИ, РЕАКЦИИ И СООПШТЕНИЈА
ВЕСТИ / НОВОСТИ / РЕАКЦИИ И СООПШТЕНИЈА
Јавна реакција: Здравјето, заштитата од насилство и дискриминација на младите не се приоритет за Владата и мнозинство на пратеници
Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација со остра реакција на законите за основно образование и учебници со кои младите остануваат без здравствена едукација базирана на докази …
ОБЈАВЕНО НА 03 АПРИЛ 2025 ОД ADMIN
Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација со остра реакција на законите за основно образование и учебници со кои младите остануваат без здравствена едукација базирана на докази во основните училишта и се озаконува насилство врз децата
Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација најостро реагираат на најновите измени и дополнувања на Законот за основно образование и Законот за учебници, со кои се озаконува дискриминацијата и насилството, а се бришат темите за сексуално и репродуктивно здравје и родова еднаквост. Овие законски измени се носат без консултација со младите и стручната јавност и директно се спротивни на потребите на младите.
Во време кога државата се соочува со најголемата трагедија во својата понова историја, во која 59 млади животи беа изгубени во Кочани поради системска корупција, неказнивност и негрижа за граѓаните, Собранието како прв приоритет носи закони што дополнително ја загрозуваат добросостојбата на младите.
Законот за основно образование се менува два пати за само неколку месеци, во нетранспарентна постапка, без вклучување на стручната јавност и во спротивност со домашните и меѓународните регулативи. Последните измени беа донесени по скратена постапка иако претставуваат значително отежнување на остварувањето и заштитата на човековите права. Продолжувањето на ваквите антидемократски процеси, каде што клучни закони се носат по брза постапка, без јавна дебата и без вклучување на експерти и младите, е неприфатливо и загрижувачко.
Бараме итно запирање на овие штетни законски измени и отворен дијалог со младите, експертите и граѓанските организации за креирање политики што вистински одговараат на потребите на младите и ја штитат нивната иднина.
Податоците за насилство дискриминацијата и здравјето кај младите се алармантни и треба да ги загрижат сите родители, наставници и граѓани на оваа држава:
Насилството е нормализирано во Македонија, се почести се случаите на вознемирување, сексуално насилство, малтретирање и силување кај младите извршено од малолетници, како во училиштата, така и во јавните простори;
Стапката на просечно стапување на прв сексуален однос кај младите во Македонија изнесува 15 години односно 16 години за девојчињата. За споредба со земјите каде здравствената едукација е интегрирана во училишните програми, младите го одложуваат влегувањето во прв сексуален однос, некаде дури и до 19 годишна возраст;
Стапката на тинејџерска бременост во 2023 година изнесува 13.4 на 1000 девојки на возраст од 15-19 години;
Младите на возраст од 15 до 18 години се најмногу изложени на насилство за разлика од другите возрасни групи во државата и младите кои ѝ припаѓаат на ЛГБТИ задницата се и до четирипати почесто малтретирани во училиште од хетеросексуалните врсници[1]. Дополнително, 15-годишници со хомосексуална и бисексуална ориентација страдаат два или повеќе пати почесто во споредба со своите хетеросексуални врсници, честопати со повеќе психосоматски симптоми (74%), чувства на тага и безнадежност (47%) или со сериозни самоубиствени мисли (30%).
Само во периодот од 2021-2023 се документирани 82 случаи на насилство во образованието врз ЛГБТИ млади, при што образованието е втора област по ред со најмногу документирани случаи на институционално насилство врз ЛГБТИ, после здравството.
Загрижува податокот дека никој од стручната јавност, ниту младинските организации, не побараа ваков тип на законски измени во образованието. Токму затоа прашуваме, дали Владата и Парламентот се во директна спрега со неформални и формални радикални групи, кои под превезот на „заштита на правата на децата” секојдневно промовираат –дискриминација, омраза, насилство, шират теории на заговор против употреба на вакцините и други методи за здравствена превенција базираат на докази. Истите групи веќе неколку години промовираат антидемократски процеси и оркестрирано напаѓаат стручни лица, активисти од граѓанскиот сектор, новинари. Оваа насока е целосно спротивна на заложбите на државата за ЕУ интегративните процеси.
Оттука бараме:
Претседателката на државата да не ги потпише Указите за донесување на законите за измена и дополнување на Законот за основно образование и Законот за учебници за основно и средно образование
Владата и Парламентот да ги реобмислат законите во образованието кои директно им штетат на здравјето на младите.
Да обезбедат соодветни средства за спроведување на Законот за млади и да се инвестира во младинските центри во кои ќе се креираат безбедни простори за младите, обезбедат психолошки и здравствени услги за младите ширум државата
Одржување на надзорна расправа за предизвиците и препреките во имплементација на Законот за спречување и заштита од дискриминација пред Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот
Отворање на широка дебата со младите, младинските организации, стручните здравствени организации и кои работат на заштита на правата на маргинализираните заедници, и подготовка на измени на Законот за основно образование, Законот за средното образование и Законот за учебници за основно и средно образование базирани на докази и наука, и во согласност со меѓународните документи за заштита на човекови права со кои суштински ќе се покаже вистинска грижа за младите.
Итно и неодложно спроведување на подзаконски акти за заштита на децата од насилство и дискриминација во училишта.
[1] Студија за однесувањатата поврзани со здравјето на децата на училишна возраст (11, 13, 15 години) во Северна Македонија
________________________
ОБЈАВЕНО ВО ВЕСТИ, НОВОСТИ, РЕАКЦИИ И СООПШТЕНИЈА
ОБЈАВЕНО НА 28 ФЕВРУАРИ 2024 ОД ADMIN
Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство изразува длабоко несогласување и загриженост за предложените измени на Законот за полиција, кои значат чекор назад во заштитата на жртвите на семејно и други форми на насилство врз жени. Овие измени воведуваат несигурност и дополнителни бариери кои сериозно ја влошуваат безбедноста на жртвите.
Што предвидуваат измените?
Со важечкиот закон на полициски службеник кој сторил семејно насилство оружјето ќе му се одземе штом ќе се добие известување од надлежниот центар за социјална работа и одземањето трае се до правосилно завршување на судската постапка која се води против тој службеник.
Меѓутоа, со изменетиот член 31 од предлог законот, ја дерогира оваа можност и предвидува спроведување на цела постапка од внатрешната контрола при МВР, која потоа дава мислење дали треба на полицискиот службеник да му се одземе оружјето.
Ваква предложената измена на овој член е во спротивност со Истанбулската Конвенција и со Законот за спречување и заштита на жртвите на родово базирано и семејно насилство и доколку би се усвоила како таква би ги довела во прашање спроведувањето на привремените мерки за заштита на жртвите на овие форми на насилство.
Исто така со овие измени се брише членот 31-а со кој што раководителот на организациската единица беше обврзан да го упати на задолжителен психолошки и психијатриски преглед полицискиот службеник кој е обвинет за кривично дело или прекршок со елементи на насилство или за кој е добиено известување од надлежниот центар за социјални работи дека сторил семејно насилство и со кој се обврзува наодот од таквиот преглед да се достави до Министерството за внатрешни работи.
Усвојувањето на овие измени ќе ги остави жртвите на родово базирано и семејно насилство незаштитени и го зголемува ризикот од ескалација на насилството од страна на сторителот.
Доколку поминат овие измени, недовербата која жртвите ја имаат кон институциите само ќе се зголеми, особено кога насилникот е дел од полицискиот систем.
Оттука, категорично се спротивставуваме на предложените измени на Законот за полиција. Бараме итно повлекување на истите, со цел да се осигура дека законот навистина ќе биде во служба на заштитата на сите граѓани, особено на најранливите.
Во продолжение е поопширно правното мислење кон реакцијата на предложените измени на Законот за полиција:
Во известувањето за почетокот на процесот на подготовка на предлог-законот за измена и дополнување на Законот за полиција е наведено дека целта на предлог-законот е да овозможи содржинско и нормативно-правно допрецизирање на законските решенија во правец на нивно унапредување и усогласување со прописи донесени по донесувањето на основниот текст на Законот за полиција. Во нацрт-извештајот за процена на влијанието на регулативата е допрецизирано дека се врши усогласување на Законот за полиција со Законот за внатрешни работи, со цел хармонизирање на прописите во надлежност на Министерството за внатрешни работи и надминување на недоследностите на конкретни законски решенија.
Но, со увид во Законот за внатрешни работи, произлегува дека токму одредбите кои се бришат од Законот за полиција се целосно уредени во Законот за внатрешни работи. Дотолку повеќе што овие одредби истовремено се усвоиле и во Законот за полиција и Законот за внатрешни работи – измените се објавени во истиот Службен весник бр. 33/15 од 05.03.2015 година.
Член 155-а од Законот за внатрешни работи
(1) Работник на Министерството кој е овластен да носи службено оружје, а за кој е поведена постапка за кривично дело или прекршок со елементи на насилство, односно за кој е добиено известување од надлежниот центар за социјални работи дека сторил семејно насилство, раководителот на организациската единица во која работи го упатува на задолжителен психијатриски и психолошки преглед односно советување со психолог (психолошко советување).(2) Наодот од психијатрискиот и психолошкиот преглед, односно советувањето со психолог (психолошко советување) со задолжителен наод и мислење за способноста на работникот да биде распореден на работно место со овластување за носење и употреба на службено оружје, се доставува до Министерството.
Член 31-а од Законот за полиција
Полицискиот службеник за кој е поведена постапка за сторено кривично дело или прекршок со елементи на насилство, односно за кој е добиено известување од надлежниот центар за социјални работи дека сторил семејно насилство, раководителот на организациската единица во која работи го упатува на задолжителен психијатриски и психолошки преглед односно советување со психолог (психолошко советување).Наодот од психијатрискиот и психолошкиот преглед, односно советувањето со психолог (психолошко советување) со задолжителен наод и мислење за способноста на полицискиот службеник да биде распореден на работно место со овластување за носење и употреба на службено оружје, се доставува до Министерството.
Иако одредбата во оваа форма останува во Законот за внатрешни работи, иако Законот за полиција се повикува на Законот за внатрешни работи, сметаме дека постоењето на овој член како таков во Законот за полиција е од големо значење, бидејќи целосно и недвосмислено упатува на сериозен, сеопфатен третман во борбата против насилството и особено семејното насилство, кога сторител е полициски службеник.
Од друга страна, одредбата од член 31, особено одредбите од ставовите 2-4 на овој член се од особено значење бидејќи ја вршат најзначајната превентивна функција кога против лице кое поседува службено оружје се поведува кривична постапка за насилство или семејно насилство – одземање на оружјето.
Сегашен член 31
Полицискиот службеник е овластен да носи оружје и други средства за присилба.Оружјето од ставот (1) на овој член со муницијата, времено ќе му биде одземено на полицискиот службеник за кој е започната постапка за сторено кривично дело или прекршок со елементи на насилство, до правосилноста на одлуката во кривичната односно прекршочната постапка.На полицискиот службеник времено ќе му се одземе оружјето од ставот (1) на овој член со муницијата, кога Министерството ќе добие известување од надлежниот центар за социјални работи дека сторил семејно насилство, до правосилноста на одлуката на надлежниот суд за привремена мерка за заштита.Одземањето на оружјето и муницијата од ставовите (2) и (3) на овој член, трае до завршувањето на постапката која последна ќе заврши со правосилна одлука.
Предлог-измена на член 31
Полицискиот службеник е овластен да носи оружје и други средства за присилба.Во случај кога е пријавено односно кога е добиено сознание за сторено кривично дело со употреба на оружје од страна на полициски службеник, организациската единица надлежна за внатрешна контрола во Министерството презема мерки согласно закон и изготвува извештај во кој се произнесува во однос на прашањето дали е потребно времено да се одземе од полицискиот службеник службеното оружје и муницијата.Во случај на времено одземање на оружјето и муницијата од ставот 2 на овој член, полицискиот службеник времено се распоредува на соодветно работно место во Министерството без овластување за носење и употреба на службено оружје.Одземањето на оружјето и муницијата трае до правосилноста на одлуката донесена во постапката која се водела против тој полициски службеник за кривичното дело поради кое му е одземено оружјето.
Видно од предложената измена, наместо досегашното решение со секоја постапка за кривично дело насилство или семејно насилство на лицето кое поседува службено оружје, оружјето веднаш да му се одземе, се носи преодно решение во кое ќе се прави посебна процена дали е воопшто потребно да се одзема службено оружје од лице против кое се води кривична постапка за насилство сторено со употреба на оружје. Имено, самиот Закон за полиција предвидува дека средствата за присилба, меѓу кои и огненото оружје, можат да се употребат само ако целта на постапувањето на полицијата не може да биде остварена на друг начин (член 80, став 3). Ова значи дека огнено оружје може да се употреби исклучиво како последен чекор и под одредени услови. Овој принцип има толкава тежина што во никој случај не може да се дозволи прво да се проценува за потребата за одземање на оружјето, наместо веднаш времено одземање на оружјето до спроведување на соодветната постапка. Дополнително, семејното насилство често и се случува без употреба на оружје, самото поседување на оружје е начин на заплашување, малтретирање и загрозување на животот на жртвата. Оттаму и новиот член е целосно спротивен на напорите за заштита на жртвите на семејно насилство.
Дополнително на ова, се брише и посебната одредба со која се уредува дека доколку ЦСР го извести Министерството за внатрешни работи дека полицискиот службеник сторил семејно насилство треба оружјето веднаш да му се одземе. Во пракса ова значи дека доколку станува збор за насилно кривично дело во кое полицискиот службеник не користел оружје ќе се цени дека не постои основ за одземање на службеното оружје! Во контекст на семејно насилство ова сериозно ја влошува позицијата на жртвите чиј насилник е полициски службеник. Најпрво е избришана најголемата олеснителна околност за нив – околноста да го пријават насилството во Центарот за социјални работи, а да не мораат да пријават во полиција, а потоа, за да ја добијат соодветната заштита во домот, мора да докажат дека насилникот против нив користел оружје! Тука мораме да потенцираме дека во најголемиот број случаи семејното насилство не е изолиран испад туку серија на разни видови на насилства кои не секогаш се физички, но може да содржат закана за употреба на сила, а кога сторителот има службено оружје кое не му е одземено, заканата е прилично реална.
Сакаме да потенцираме и дека постапката за одземање на оружје од сторител при вршење на семејно насилство не се однесува само на полициски службеници. Напротив, Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство уредува дека кога полициски службеник излегува на лице место по пријава за насилство врз жени или семејно насилство привремено го одзема оружјето од сторителот и покренува постапка предвидена со закон за одземање на дозволата за оружје, дозволата за колекционерско оружје односно дозволата за носење на оружје. (член 49 ст.1 и 4 од Законот). Сето ова се прави превентивно, за да не дојде до користење на оружјето од страна на пријавеното лице во афект или заради одмазда за пријавувањето на насилството.
Во овој закон е и обврската на Центарот за социјални работи секогаш кога има сознание дека родово-базирано насилството е сторено од лице кое поседува огнено оружје веднаш го известува Министерството за внатрешни работи. Доколку станува збор за лице кое има пристап и ракува со службено огнено оружје, ЦСР веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа, доставува писмено известување до институцијата или правното лице во која лицето е вработено и за истото го известува Министерството за внатрешни работи. (член 48 од Законот). Оттука, со бришењето на ставот 3 од член 41, се врши и повреда на одредбите од Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство.
****
Со овие измени, на жртвите на семејно насилство им се испраќа порака дека нивната безбедност е условена, дека институциите ќе проценуваат дали нивниот страв е доволно „оправдан“ за да се преземат мерки и дека ако нивниот насилник е полициски службеник, тој ќе има привилегија да остане вооружен додека системот одлучува дали поседувањето службено оружје претставува закана. Наместо итна и недвосмислена заштита, тие добиваат неизвесност, дополнителен товар да го докажуваат сопственото страдање и чувство дека институциите повеќе се грижат за правата на сторителот отколку за нивната безбедност. Ако претходно можеа да се обратат до Центарот за социјални работи и да знаат дека тоа ќе резултира со итно одземање на оружјето, сега им се вели дека мораат да се изложат пред полицијата – можеби пред колегите на нивниот насилник – и да чекаат дали системот ќе одлучи да ги заштити.
Ова не е само законска измена, туку порака дека жртвата мора да се бори на два фронта – против насилникот и против институциите што треба да ја заштитат, но сега ѝ наметнуваат дополнителни бариери. Наместо да почувствува сигурност, на жртвата ѝ се вели дека нејзиниот збор не е доволен, дека дури и ако преживее насилство, ќе мора да се докаже како „доволно загрозена“ за да добие заштита. На овој начин, законот наместо да биде нејзиниот штит, станува уште една пречка што ќе мора да ја надмине за да преживее.
________________________
ОБЈАВЕНО ВО ВЕСТИ, НОВОСТИ, РЕАКЦИИ И СООПШТЕНИЈА
На 95-та седница на Советот на јавни обвинители одржана на 11.01.2024 година, се дискутираше за мислењето на Комисијта за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), со кое се утврдува дискриминација …