РЕАКЦИИ И СООПШТЕНИЈА
РЕАКЦИИ И СООПШТЕНИЈА
ВЕСТИ / НОВОСТИ / РЕАКЦИИ И СООПШТЕНИЈА
Справувањето со насилството нема свое место во политиките на МОН
Остра реакција на Мрежата за заштита од дискриминација и Платформата за родова еднаквост Во период кога физичкото насилство во училиштата ги полни медиумите во Македонија и регионот и јавноста се …
ОБЈАВЕНО НА 12 СЕПТЕМВРИ 2025 ОД ADMIN
Oстра реакција на Мрежата за заштита од дискриминација и Платформата за родова еднаквост
Во период кога физичкото насилство во училиштата ги полни медиумите во Македонија и регионот и јавноста се згрозува од деталите на настаните, Министерството за образование и наука наместо да преземе одговорност и преземе соодветни мерки, воспоставува политики коишто го уназадуваат справувањето со насилството и создава средина во која предрасудите и насилството ќе бидат толерирани и несанкционирани.
На 7.7.2025, Министерството за образование и наука усвоило нов Правилник за начинот на пријавување и заштита на ученик-жртва на која било од формите на насилство, злоупотреба и занемарување. Овој Правилник претставува директно уназадување на напорите вложени во 2019 и 2020 година, кога со поддршка на експертската и граѓанската заедница беше изработено упатство усогласено со европските стандарди и меѓународните обврски на државата.
Новиот Правилник ќе биде погубен за напорите за справување со насилството, нема да даде резултати и нема да превенира нови случаи на насилство. Наместо да овозможи вистинска заштита, тој ги лишува училиштата од можноста да ги препознаат мотивите зад насилството и да преземат ефикасни мерки за превенција, оставајќи го целиот систем слеп пред најчестите форми на дискриминација и насилство.
Прво, Министерството за образование и наука го усвоило Правилникот без консултација со здруженијата што работат на темата насилство во училиштата и помеѓу врсници. Таквото нетранспарентно усвојување на акти продуцира решенија коишто ја занемаруваат експертизата на здруженијата коишто работат на терен. Дополнително, таквото нетранспарентно усвојување е спротивно на Кодексот на добри практики за учество на граѓанскиот сектор на креирање политики, како и со препораките на Комитетот на министри на Советот на Европа.[1] Иако мрежите реагираа уште од моментот на најава за измените на Законот за основно образование, Министерството упорно ги игнорира овие укажувања и продолжува да носи одлуки зад затворени врати.
Второ, Правилникот е сосема спротивен на стандардите за човековите права и слободи. Поставен на овој начин, Правилникот е во директна колизија со Уставот и законите спречување и заштита од дискриминација и за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, како и Истанбулската конвенција, и Конвенцијата за правата на детето. Правилникот, во формата во каква што е, не ги исполнува тие стандард бидејќи во формуларот за пријавување на насилство се исклучени клучни елементи. Во формуларот се тргнати прашањата дали насилството е родово-базирано насилство или пак насилство врз лична карактеристика (сексуална ориентација, род, родов идентитет итн) и, дали насилството е мотивирано од омраза и/или предрасуди. Во својата борба да ги избрише и невидливи ЛГБТИ децата од образовниот систем, Министерството со новиот Правилник всушност го исклучува и препознавањето на сите маргинализирани категории. Со ова, невидливи стануваат и децата од сиромашни и економски помалку моќни семејства, децата кои живеат во еднородителски или неконвенционални семејства, како и децата кои веќе биле жртви на насилство. Наместо систем за заштита кој ја препознава ранливоста и делува превентивно, добиваме систем кој свесно избира да не ги гледа оние деца што најмногу му се потребни. Дополнително, не може ни да се очекува дека родовите стереотипи, како на пример дека девојче не може да биде возач на камион, или пак дека момче не смее да плаче, ќе бидат сузбиени, бидејќи доколку тие стереотипи биле причини да се стори насилство, истите нема да бидат регистрирани при пријава на насилство. Таквото адресирање или „справување“ со насилствата во училиштата, коишто се сè почести и посериозни, е површно и нема да вроди со никакви резултати.
Истовремено, особено сме огорчени и загрижени што ваквиот нов Правилник, коишто не ги вклучува личните карактеристики на децата, доаѓа по бројни студии коишто потврдуваат дека дискриминација и насилство има на сите нивоа во образовниот систем, вклучувајќи го и основното образование. ЛГБТИК+ учениците во Северна Македонија често се изложени на дискриминација, на вербално и физичко насилство во образовните институции. Насилството е честопати систематско, а училиштата ретко нудат соодветен одговор или поддршка, што придонесува кон дополнителна маргинализација и психолошки последици кај овие ученици.
Ваквиот Правилник ги исклучува личните заштитени карактеристики на децата, токму во момент кога статистиката и искуствата покажуваат дека младите лица се најчесто вклучени во пристрасно мотивирани инциденти – и како сторители и како жртви.[2] Иако бројките укажуваат на сериозен проблем, надлежните институции и понатаму не водат соодветна официјална статистика за пристрасно мотивираните инциденти, што е нотирано години наназад од Европската комисија.[3]
Истовремено, не заостануваат ниту случаи на сексуално насилство врз девојчиња, случаи од кои јавноста беше згрозена и дадоа внимание на тоа како образовните установи се справуваат со насилството врз девојчињата. Особено е загрижувачки што овој Правилник доаѓа по напливот на анти-родови и анти-демократски движења во државата, што беше препознаено и во Извештајот на Европската комисија за Северна Македонија за 2024.[4]
Имајќи го предвид горенаведеното, бараме од Министерството за образование и наука да го ревидира Правилникот, со што родово-базираното насилство, насилството од омраза, родовите стереотипи и дискриминацијата врз маргинализираните заедници ќе бидат препознаени. Исклучиво на тој начин можеме да кажеме дека Министерството е сериозно во своите јавно-искажани намери за сузбивање на насилството и стереотипите во училиштата.
_________________________
[1] Committee of Ministers, Recommendation of the Committee of Ministers to member states on the Council of Europe Charter on Education for Democratic Citizenship and Human Rights Education, 2010, достапна на: https://search.coe.int/cm#{%22CoEIdentifier%22:[%2209000016805cf01f%22],%22sort%22:[%22CoEValidationDate%20Descending%22]} .
[2] Хелсиншкиот комитет, само во 2023 година, регистрираше 197 случаи во кои беа опфатени 213 жртви и 292 сторители, од кои дури 142 жртви (67%) и 132 сторители (45%) се малолетници. Во 2024 година, беа евидентирани 113 случаи со 103 жртви и 155 сторители, од кои 60 жртви (58%) и 83 сторители (54%) се малолетници. Хелсиншки комитет за човекови права, „Годишен извештај за криминалот од омраза во 2023“ (2024). Достапно на https://zlostorstvaodomraza.com/izvestai/.
[3] Европска комисија, Северна Македонија 2019 Извештај, Брисел, 29 мај 2019, стр. 20, 24, 30, 31., Европска комисија, Северна Македонија 2020 Извештај, Брисел, 6 октомври 2020, стр. 32., Европска комисија, Северна Македонија 2021 Извештај, Брисел, 19 октомври 2021, стр. 32., Европска комисија, Северна Македонија 2023 Извештај, Брисел, 12 октомври 2023, стр. 32 – 35.
[4] European Commission, North Macedonia Progress Report 2024, стр. 37.
ОБЈАВЕНО ВО ВЕСТИ, НОВОСТИ, РЕАКЦИИ И СООПШТЕНИЈА
ВЕСТИ / НОВОСТИ / РЕАКЦИИ И СООПШТЕНИЈА
Мрежата за заштита од дискриминација бара од Собранието да избере стручно и независно лице на функцијата Народен правобранител
Собранието на Република Северна Македонија на седницата одржана на 10 јули 2025 година донесе Одлука за распишување оглас за избор на Народен правобранител, објавена во Службениот весник бр.143 од 16 …
ОБЈАВЕНО НА 25 ЈУЛИ 2025 ОД ADMIN
Собранието на Република Северна Македонија на седницата одржана на 10 јули 2025 година донесе Одлука за распишување оглас за избор на Народен правобранител, објавена во Службениот весник бр.143 од 16 јули 2025 година. Рокот за пријавување на кандидатите е 10 дена од денот на објавување на одлуката во Службен весник, односно, до 26 јули 2025 година. По завршување на рокот за пријавување, Собранието треба да ја објави листата на пријавени кандидати заедно со документите кои ги приложиле до Комисијата за прашањата за изборите и именувањата, и да ја спроведе постапката за избор на Народен правобранител.
Во пресрет на изборот, Мрежата за заштита од дискриминација бара од Собранието на оваа значајна функција да избере стручно и независно лице, со цел да се овозможат реформи во работењето на оваа институција, која со години наназад не успева да обезбеди ефикасна и ефективна заштита на правата на граѓаните.
Да се има силна, независна и непристрасна институција Народен правобранител е важно и заради непречено спроведување на принципот на владеење на правото и за почитувањето на човековите права како основен предуслов за напредок во евроинтеграциските процеси. Агенцијата за темелни права на Европската Унија препорачува обезбедување на поголема транспарентност при процесите на избор и нивна отвореност за најголем број на кандидатки и кандидати, како и вклученост на Собранието, но и на независни актери во процесот. Дополнително, Европската комисија во континуитет нѐ потсетува дека е потребно именување на членови на независните тела засновано врз заслуги со што ќе се осигура нивната компетентност и интегритет. Ова несомнено важи и за идниот Народен правобранител.
Во спротивно, јасно се покажува недостатокот на волја за унапредување и почитување на правата на граѓаните и негрижа за доборосостојбата и напредокот на земјата. Народниот правобранител е последната институција во која треба да се именуваат нестручни партиски кадри, бидејќи на ваков начин се повредуваат одредбите од Уставот кои гарантираат независност на институцијата.
Мрежата за заштита од дискриминација потсетува дека согласно Одлуката, за Народен правобранител може да биде избрано лице кое ги исполнува општите услови определени со закон за засновање работен однос, да е државјанин на Република Северна Македонија, дипломиран правник кој има работно искуство над девет години на правни работи и чија активност е докажана во областа на заштитата на правата на граѓанинот и ужива углед за вршење на функцијата народен правобранител. Апелираме до сите пратеници и парламентарни политички партии да се воздржат од партиски преговарања и да спроведат транспарентен, инклузивен и фер процес за избор на следниот Народен правобранител.
Уште еднаш апелираме до сите парламентарни политички партии да ја сфатат и да ја поддржат заложбата за непартиски кандидат, да не ја гледаат оваа институција како уште една можност за партиски вработувања, со што ќе покажат вистинска и не само декларативна грижа за човековите права и слободи на граѓаните.
ОБЈАВЕНО ВО ВЕСТИ, НОВОСТИ, РЕАКЦИИ И СООПШТЕНИЈА
ВЕСТИ / НОВОСТИ / РЕАКЦИИ И СООПШТЕНИЈА
Остра реакција на Мрежата за заштита од дискриминација на изјавите на Претседателот на Владата Христијан Мицковски
За време на настанот „Демографски трендови, предизвици и можни решенија – Развој на стратешки документи за демографска отпорност“, Претседателот на Владата Христијан Мицковски изјави дека се разгледува можноста за воведување …
ОБЈАВЕНО НА 04 ЈУЛИ 2025 ОД ADMIN
За време на настанот „Демографски трендови, предизвици и можни решенија – Развој на стратешки документи за демографска отпорност“, Претседателот на Владата Христијан Мицковски изјави дека се разгледува можноста за воведување дополнителни даноци за неженети и немажени лица. Таквата изјава е длабоко загрижувачка и претставува закана за основните човекови права и принципите на еднаквост и слобода.
Мрежата оценува дека ваквата најава односно идна мерка не само што би била ретроградна, туку е и дискриминаторска, бидејќи:
Ги крши човековите права односно правото на избор, правото на приватен и семеен живот и правото на планирање семејство, животен стил, семејна состојба и иднина.
Го стигматизира секој кој не живее во брачна заедница – било од избор, било од околности.
Ги удира младите, самохраните родители, ЛГБТИ+ лицата и оние кои се социјално и економски ранливи.
Не придонесува кон развој на општеството, туку отвора врата за нови поделби, стигма и нееднаквост.
Потсетуваме дека со член 25 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот. Дополнително, вонбрачната заедница е регулирана и заштитена со Уставот на Република Северна Македонија.
Ваквиот предлог јасно кореспондира со идеите кои доаѓаат од авторитарни режими[1], кои преку ретроградни наративи имаат за цел насилно зголемување на наталитетот. Наместо казнување на личните избори преку даночен систем, потребни се политики кои ги поддржуваат младите семејства, достапни градинки, сигурно вработување, родова еднаквост и слободен избор на партнерство и родителство.
Животниот стил не е основа за оданочување. Во демократска и современа држава, бракот треба да биде слободен избор, а не даночна обврска.
Ја повикуваме Владата, како орган којшто е овластен предлагач на закони и политики, да се воздржи од иницијативи кои поттикнуваат дискриминација, а институциите – да застанат во одбрана на правата на сите граѓани, без разлика на нивниот брачен статус. М
_____________________
[1] Иницијатива на рускиот пратеник Андреј Гуруљов за воведување „данок за бездетност https://www.intellinews.com/russian-mp-proposes-childlessness-tax-346767/
_____________________
ОБЈАВЕНО ВО ВЕСТИ, НОВОСТИ, РЕАКЦИИ И СООПШТЕНИЈА
ВЕСТИ / НОВОСТИ / РЕАКЦИИ И СООПШТЕНИЈА
Јавна реакција на Мрежата за заштита од дискриминација по повод Предлог-законот за верски училишта
Предлог-законот е противуставен, правно неусогласен и опасен обид за поткопување на секуларниот карактер на државата Мрежата за заштита од дискриминација остро реагира против Предлог-законот за верски училишта објавен на Единствениот …
ОБЈАВЕНО НА 04 ЈУЛИ 2025 ОД ADMIN
Предлог-законот е противуставен, правно неусогласен и опасен обид за поткопување на секуларниот карактер на државата
Мрежата за заштита од дискриминација остро реагира против Предлог-законот за верски училишта објавен на Единствениот национален електронски регистар (ЕНЕР), сметајќи го за противуставен, правно неусогласен и опасен обид за поткопување на секуларниот карактер на државата и за институционализација на верското образование во системот на формално образование. Предлогот е спротивен на Уставот и на Законот за средно образование.
Предлог-законот е во колизија со Уставот на Република Северна Македонија. Слободата на верските заедници да основаат верски училишта е загарантирана со чл. 19 од Уставот, но овие училишта можат да бидат исклучиво од верски карактер, а не од редовен гимназиски, стручен или уметнички тип. Дополнително, чл. 22 од Законот за правна положба на црква, верска заедница и религиозна група дозволува основање верски образовни установи од сите степени освен основното образование, исклучиво за школување на свештени лица и верски службеници. Овој закон претставува lex specialis и не може да биде дерогиран со нов закон. Оттаму, не може верските училишта да се третираат како редовни средни училишта со право за упис на секој факултет.
Одлуката на Уставниот суд У.бр. 182/2021 објавена на 29 мај 2024 година потврдува дека системот на верско образование мора да биде целосно одвоен од граѓанското образование и дека секој обид за нивно мешање претставува повреда на уставниот принцип на секуларност и одвоеност на државата и верата. Одлуката е достапна на следниот линк: https://ustavensud.mk/archives/33087.
Законот за средно образование (чл. 7) изречно забранува верско организирање и дејствување, организирање на верско образование, како и истакнување верски обележја во средните училишта. Законодавецот направил јасна разлика помеѓу редовни и специјализирани училишта, каде што вторите се наменети исклучиво за задоволување на внатрешни потреби на верските заедници.
Предлог-законот не содржи механизми за надзор, санкции или контрола. Не е утврдено кој ќе биде надлежен за негово спроведување, кој ќе следи дали се почитуваат предвидените одредби и кој ќе изрекува мерки во случаи на прекршувања. Дополнително, се отвора можност верските училишта да добиваат средства од државниот буџет, додека контролата на трошењето да ја имаат самите верски заедници.
Членот 4 од предлог-законот предвидува верските училишта сами да издаваат јавни исправи врз основа на свој статут, што е спротивно на постојните правила каде формата и содржината на свидетелствата се утврдени од Министерството за образование и наука. Прашањето за еквиваленција на таквите дипломи останува нерешено.
Законскиот текст се повикува на засебност и автономија на верските училишта, но паралелно бара нивно изедначување со државните училишта во однос на правата на учениците. Ваквиот пристап е контрадикторен и правно неизводлив.
Членот 6 став 2 не утврдува јасни критериуми за наставен кадар, туку остава правна празнина во однос на тоа кој може да предава религиозни содржини. Исто така, постои правна неусогласеност меѓу член 7 став 8 и став 11, што создава недефинирани односи помеѓу основачот и Министерството во однос на верификација на наставниот план. Членот 11 е особено спорен бидејќи овозможува државна матура како услов за упис на секој факултет, додека во исто време дозволува и запишување на верски факултети без положување на матура. Оваа двојна регулација отвора простор за злоупотреби, нерамноправност и институционална дискриминација.
Мрежата за заштита од дискриминација бара итно повлекување на Предлог-законот и повикува Владата да се придржува до уставниот принцип на секуларност. Усвојување на ваков закон претставува сериозно отстапување од демократските и граѓански вредности и директна закана за правата на учениците и интегритетот на образовниот систем.
Контакт: mrezazazastitaoddiskriminacija@gmail.com
ОБЈАВЕНО ВО ВЕСТИ, НОВОСТИ, РЕАКЦИИ И СООПШТЕНИЈА
ВЕСТИ / НОВОСТИ / РЕАКЦИИ И СООПШТЕНИЈА
МРЕЖАТА ЗА ЗАШТИТА ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА БАРА ПОВЛЕКУВАЊЕ НА ПРЕДЛОГОТ ЗА ИМЕНУВАЊЕ НА ПЕТАР БОГОЈЕСКИ
Со одлука на Владата, Петар Богојески е именуван како директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност (Еразмус +) и треба да ја преземе функцијата на 15 мај …
ОБЈАВЕНО НА 15 ЈУЛИ 2025 ОД ADMIN
Со одлука на Владата, Петар Богојески е именуван како директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност (Еразмус +) и треба да ја преземе функцијата на 15 мај 2025 година. Мрежата за заштита од дискриминација бара повлекување на одлуката за именување на Петар Богојески како директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, поради неговите изјави со вознемирувачки говор, навреди и говор на омраза, како и постапки кои се спротивни на европските вредности.
Програмата Еразмус+ се стреми кон промоција на еднакви можности и пристапност, инклузија, диверзитет и правичност во сите активности кои ги поддржува. Програмата исто така ги цени националните агенции како клучни во поддршката на проекти кои овозможуваат што е можно поголема инклузивност и застапеност на различноста. За постигнување на овие цели, постои Рамка за мерки за инклузија и Стратегија за инклузија и прифаќање различности.[1]
Сметаме дека назначување на човек кој со своето однесување на социјалните медиуми секојдневно ги гази овие принципи и ги презира луѓето кои ги почитуваат, не само што не е основано, туку претставува и навреда на Програмата која постои повеќе од 35 години и која постојано вложува во развојот на младите. Истовремено сме и крајно загрижени од реакцијата на Министерката за образование која на укажувањата на повеќе чинители во општеството, вклучително и на Министерот за европски прашања изјавува дека неговата работа ќе се следи со поголем фокус.[2]
Од друга страна, јавноста подолго време ја има можноста да го следи работењето на именуваниот директор – преку неговите изјави и коментари на социјалните мрежи. Мрежата за заштита од дискриминација интегрално ги пренесува искажаните изјави и однапред се извинува за цитирање на зборови коишто не се соодветни за било каква комуникација, особено не од страна на именувани функционери.
Искажани ставови и начин на комуникација
Преку неговите социјални мрежи (во прилог), именуваниот директор Петар Богојески има употребено вознемирувачки говор, навреди, говор на омраза и/или поттикнување на дискриминација, нетолеранција и/или насилство кон следниве заедници:
Македонци – Во коментари кон неговите следбеници кои искажале спротивно мислење од неговото, има изјавено „нема попросто од македонче!“, „па пола од Македонците немаат прочитано една книга во животот и мислат дека Букефал бил крал!“ и „Нема позабеган народ од нас“. Во други преписки, се обраќа до граѓаните со зборовите „овци“, „магаре“, „стока јаничарска“, „стоко една“, „дебил“, „стоко неписмена“ итн.
Албанци – При обраќање до албанското малцинство, неретко го користи зборот „шиптар“ и има изјавено „шиптар може само коза да ебе! За друго не го бива“.
Жени – При онлајн препукување со негови следбеници, има реферирано на нечии сопруги, мајки, вујни итн. При преписка со следбеничка за промена на грбот, има изјавено „на грбот ништо, на вас ви фали почитувана госпоѓо. Ама тоа е Божја работа, не сте вие виновни.“ Поради контекстот, конкретната преписка можете да ја најдете во прикачените фотографии.
Лица што живеат со ХИВ – Во преписки со следбеници за изглед на луѓе што се поддржувачи на друга идеологија, има изјавено „оф завалијата со ХИВ68“, „незнаат да читаат…загреота се! Ги потепа ХИВ68“, „сериозно е ова пореметување поради ХИВ68“ и „не може фајде со зараза од ХИВ 68“.
Политичка основа: Во други наврати, преку својот профил, именуваниот директор Петар Богојески упатува навреди кон неистомисленици („, „има ли поглупо нешто од левичар“, , „абе вие на зајко измеќарите со јованка и до Дубаи отидовте! Баве тоа шутрачаааната“).
Користење на навредлив и вознемирувачки говор: Во преписка со следбеник, којшто исто користи вознемирувачки говор, именуваниот директор Петар Богојески изјавува „ти провери ги тоа твоите околу тебе чиви копилиња се! Да не испадне комшијата замешан?“. На прашање на следбеник дали поставеното прашање е наградно, Богојески одговара со „да! Ќе добиеш патување во Газа.“
Претходни постапки
Богојески е обвинет за ширење на говор на омраза, особено преку социјалните мрежи. Во август 2024 година, Коалицијата „Вреди“ поднесе кривична пријава против него за објави на Фејсбук кои се сметаат за поттикнување на национална, расна и верска омраза.[3]
Активисти од повеќе граѓански здруженија (Селма Ризвановиќ Мандал – Здружение на жени ЕДУ НИСА Скопје, Аделаид Каришиќ – Бошњачки Истражувачки Центар Скопје, Изета Бабачиќ – Здружение на бошњачката жена Диванхана Скопје, Мерсиха Смаиловиќ – Здружение на граѓани ЛЕГИС Скопје, Мухамед Шукурица – Форум на Бошњаците во Македонија и Јусуф Чоловиќ – Здружение на граѓани НАФАКА) до Министерството за внатрешни работи поднесоа пријава за говор на омраза и закани до Петар Богојески, државен советник во Министерството за одбрана.[4] Поради свои искажани ставови, Богојески доби и отказ од страна на Министерството за одбрана.[5]
Ширење дезинформации
На 3 декември 2023, Богојески одржа прес пред МВР и Обвинителството, објавувајќи опасна, етнички обоена дезинформација за грабнувањето на Вања Ѓорчевска, со која ги разгоре социјалните мрежи. Тој тврдеше дека властите прикриваат убиство, наведувајќи дека „осомничените биле пуштени на слобода од полициска станица“ и прашувајќи „дали се веќе пренесени на Косово?!?“
Токму поради ваквите шпекулации дека случајот има етничка позадина, од Јавното обвинителство во своето соопштение од 3 декември 2023 година нагласија дека сите петмина осомничени за убиството се Македонци.[6]
*****
Ваквите ставови и начин на комуникација немаат простор во јавниот дискурс, особено не од страна на именуван функционер. Нема простор ниту за минимизирање на искажаните ставови на Богојески од страна на претставници на Владата, изјавувајќи дека „неговата работа посебно ќе се следи, поради реакциите во јавноста, но засега не може ништо да се комeнтира“. Агенцијата со којашто треба да раководи Богојески има мандат да „ја зајакнува улогата на доживотното учење во создавање на чувство за европско граѓанство засновано на разбирање и почитување на човековите права и демократијата и охрабрување на толерантноста и почитта кон другите народи и култури“. Целта на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност е да работи на промоција и спроведување на европските програми во областа на образованието, обуката, младите и спортот во Република Северна Македонија. Националната агенција со остварување на овие програми придонесува во развојот на заедницата како општество засновано на напредно знаење, со одржлив економски развој, повеќе и подобри работни места и поголема социјална кохезија, истовремено обезбедувајќи заштита на средината за идните генерации а особено размена, соработка и мобилност во областа на образованието и обуката. Ставовите и изјавите на Богојески се спротивни на вредностите кои ги промовираат европските програми како Еразмус+, што го прави несоодветен за водечка позиција во институција која има за цел промовирање на европски вредности, инклузивност и меѓукултурна соработка.
Имајќи го предвид горенаведеното, Мрежата за заштита од дискриминација бара повлекување на именувањето на Петар Богојески од функцијата директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.
___________________
[1] https://erasmus-plus.ec.europa.eu/about-erasmus/history-funding-and-future
[3] https://24.mk/details/koalicijata-vredi-so-krivichna-protiv-petar-bogojeski
[6] https://vistinomer.mk/bura-od-dezinformacii-go-poplavi-ubistvoto-na-vanja/
________________________
ОБЈАВЕНО ВО ВЕСТИ, НОВОСТИ, РЕАКЦИИ И СООПШТЕНИЈА
ВЕСТИ / НОВОСТИ / РЕАКЦИИ И СООПШТЕНИЈА
За неполна седмица мнозинството пратеници изгласаа трет штетен закон во образованието без јавна дебата – спротивен на интересите и потребите на децата и младите. Платформата за родова еднаквост и Мрежата …
ОБЈАВЕНО НА 11 АПРИЛ 2025 ОД ADMIN
За неполна седмица мнозинството пратеници изгласаа трет штетен закон во образованието без јавна дебата – спротивен на интересите и потребите на децата и младите.
Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација остро реагираат на усвојувањето на третиот последователен штетен закон во областа на образованието – Законот за средно образование. Со најновите измени на законите за основно и средно образование се озаконува насилство и дискриминација врз децата, а младите остануваат без пристап до здравствена едукација базирана на докази.
И покрај епидемијата на насилство меѓу младите, новиот Закон за средно образование не ја препознава дискриминацијата како форма на насилство и освен физичкото насилство не препознава емотивно, психичко и сексуално насилство. Законот целосно пропушта да предложи мерки за унапредување на сексуалното и репродуктивното здравје на младите, и покрај поразителните податоци.
Ниту една стручна или младинска организација не побара вакви измени. Загрижува што пратеници од ВМРО-ДПМНЕ од парламентарната говорница отворено изразија поддршка за т.н. „загрижени родители“ – групи кои под превезот на „заштита на децата“ шират говор на омраза, дискриминација и теории на заговор, вклучително и против вакцинацијата и здравствената едукација. За илустрација – Претставници од движењата коишто беа консултирани за овие измени сметаат дека луѓето коишто се вакцинирани се ГМО и веќе не се луѓе и со тоа не уживаат човекови права. Истите групи со години оркестрираат напади врз експерти, активисти, новинари и маргинализирани заедници. Особено разочарува што првата жена-претседателка на државата ги поддржа барањата на овие радикални структури и ги потпиша указите за овие закони, иако фактите укажуваат дека тие ќе имаат долгорочни и штетни последици за младите.
Со тоа, Владата, Парламентот и Претседателката дејствуваат во спротивност интересите на своите граѓани, национални и меѓународни заложби и препораки што државата ги има добиено изминатава деценија од телата на Обединетите Нации за почитување на човековите права, со заложбите преземени во рамки на Целите за одржлив развој – особено Целта број 5 за унапредување на родовата еднаквост – како и со националното законодавство за заштита од дискриминација и Националната развојна стратегија на државата.
Сите три закони беа донесени по скратена постапка, без јавна расправа и без вклучување на експерти и млади – што претставува сериозно загрозување на демократијата и човековите права. Со исклучување на здравствената едукација, и со бришење на темите поврзани со родова еднаквост, сексуално и репродуктивно здравје, државата не само што ги негира реалностите со кои се соочуваат младите, туку свесно ги препушта на дезинформации, стигматизација, насилство и дискриминација.
Ја потсетуваме Владата која декларативно изразува грижа за младите и промовира популациона политика, дека незнаењето за сексуалното и репродуктивно здравје во практика – ја намалува возраста на стапувања во први сексуални односи кај младите, ја зголемува стапката на малолетничка бремености и раѓања, стапката на небезбедни абортуси кај малолетниците, сексуално преносливите инфекции, и ги зголемува здравствените ризици и неплодноста кај популацијата.
Потсетуваме на алармантните податоци кај нас кој треба да ги загрижат сите родители, наставници и граѓани:
Податоците за насилство дискриминацијата и здравјето кај младите се алармантни и треба да ги загрижат сите родители, наставници и граѓани на оваа држава:
Насилството е нормализирано во Македонија, се почести се случаите на вознемирување, сексуално насилство, малтретирање и силување кај младите извршено од малолетници, како во училиштата, така и во јавните простори;
Стапката на просечно стапување на прв сексуален однос кај младите во Македонија изнесува 15 години односно 16 години за девојчињата. За споредба со земјите каде здравствената едукација е интегрирана во училишните програми, младите го одложуваат влегувањето во прв сексуален однос, некаде дури и до 19 годишна возраст;
Стапката на тинејџерска бременост во 2023 година изнесува 13.4 на 1000 девојки на возраст од 15-19 години;
Младите на возраст од 15 до 18 години се најмногу изложени на насилство за разлика од другите возрасни групи во државата и младите кои ѝ припаѓаат на ЛГБТИ задницата се и до четирипати почесто малтретирани во училиште од хетеросексуалните врсници.
Дополнително, 15-годишници со хомосексуална и бисексуална ориентација страдаат два или повеќе пати почесто во споредба со своите хетеросексуални врсници, честопати со повеќе психосоматски симптоми (74%), чувства на тага и безнадежност (47%) или со сериозни самоубиствени мисли (30%).
Само во периодот од 2021-2023 се документирани 82 случаи на насилство во образованието врз ЛГБТИ млади, при што образованието е втора област по ред со најмногу документирани случаи на институционално насилство врз ЛГБТИ, после здравството.
Оттука, нашите барања остануваат непроменети:
Владата и Парламентот да ги реобмислат законите во образованието кои директно им штетат на здравјето на младите.
Отворање на широка дебата со младите, младинските организации, стручните здравствени организации и кои работат на заштита на правата на маргинализираните заедници, и подготовка на измени на Законот за основно образование, Законот за средното образование и Законот за учебници за основно и средно образование базирани на докази и наука, и во согласност со меѓународните документи за заштита на човекови права со кои суштински ќе се покаже вистинска грижа за младите.
Да обезбедат соодветни средства за спроведување на Законот за млади и да се инвестира во младинските центри во кои ќе се креираат безбедни простори за младите, обезбедат психолошки и здравствени услги за младите ширум државата.
Одржување на надзорна расправа за предизвиците и препреките во имплементација на Законот за спречување и заштита од дискриминација пред Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот.
Итно и неодложно спроведување на подзаконски акти за заштита на децата од насилство и дискриминација во училишта.
Уште еднаш бараме од Претседателката Сиљановска-Давкова да не го потпишува Указот за Законот за средно образование и покрај тоа што со потпишувањето на претходните два закони ги погази своите декларативни и кампањнски заложби за родовата еднаквост и недискриминација.
________________________
ОБЈАВЕНО ВО ВЕСТИ, НОВОСТИ, РЕАКЦИИ И СООПШТЕНИЈА
ВЕСТИ / НОВОСТИ / РЕАКЦИИ И СООПШТЕНИЈА
На 02.04.2025 година во Собранието на Република Северна Македонија се одржа 24та седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на која утврди Предлог – одлука за избор на …
ОБЈАВЕНО НА 04 АПРИЛ 2025 ОД ADMIN
На 02.04.2025 година во Собранието на Република Северна Македонија се одржа 24та седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на која утврди Предлог – одлука за избор на член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, во неполни 24 часа откако се одржа седницата за јавна расправа. Комисијата за прашања на изборите и именувањата до пратениците на Собранието го предложува Вецко Здравески за иден комесар со мандат од пет години, кандидат кој е партиски кадар и не ги исполнува критериумите за избор. Мрежата за заштита од дискриминација бара Собранието на Република Северна Македонија да не го прифати овој предлог и да не го изгласа овој кандидат како иден член на КСЗД.
Мрежата за заштита од дискриминација потенцира дека избирањето на овој кандидат за член на КСЗД не само што не e во служба на заштитата на човековите права, туку и би било погубно за човековите права, еднаквоста и недискриминацијата во нашата држава. Спроведеното интервју со кандидатот, неговото претставување, а особено одговорите на прашањата од публиката беа на незадоволително ниво по сите стандарди за избор на член на телото за еднаквост. Неговото интервју јасно покажува дека кандидатот не се чувствува сигурно при изговарање на некои од основите за дискриминација, како, на пример, зборовите „сексуална ориентација“ и „транс жена“. Ваквиот однос ни укажува на целосно непочитување кон маргинализираните заедници, кои истовремено се едни од најчесто дискриминираните лица, и создава реално сомнение дека кандидатот кога би бил член на КСЗД би постапувал непристрасно и професионално кон сите граѓани. Од друга страна, сосема е нејасно како Комисијата утврдила дека кандидатот ги исполнува законските критериуми и е експерт за заштита од и спречување на дискриминација, кога на седницата немаше повеќе од 10% вкупниот број членови на Собранието, а од неговата биографија воопшто не произлегува ваква експертиза, па дури ни интерес.
https://youtu.be/dcTaIeeqAw8?si=bf-suGzZXChn_pZv
Дополнително, кандидатот Вецко Здравески претходно бил член на Комисијата за верификација на факти, согласно Законот за лустрација, процес кој предизвика јавна загриженост и беше предмет на критика од страна на Европската Унија, во однос на можни неправилности и повреди на човековите права. За дел од работата во оваа Лустрациска комисија, кандидатот Вецко Здравески бил обвинет заедно со Антонијо Милошоски во случајот „Моќник“. Случајот беше затворен поради застареност на кривичните дела, а како директна последица на измените на Кривичниот законик.
Мрежата за заштита од дискриминација потенцира дека изборот на член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација повторно се прави по партиски клуч и со партиски кадри. Имено, кандидатот Вецко Здравески е несомнено симпатизер од владеачката ВМРО–ДПМНЕ и неговата наклонетост кон оваа партија тој јавно ја изразувал во неколку наврати, дури и директно со зборовите: „ВМРО е судбина и иднина за Татковината“. Ваквиот избор на партиски кадри без искуство и знаење од областа значи ризикување на досега постигнатите резултати од областа на антидискриминација, клучна и за процесот на интеграција во ЕУ. Изборот на кандидати коишто не ги исполнуваат законските услови и кај кои има сомнежи за нивната независност или непристрасност не може да резултира со мислења коишто ќе ги заштитат жртвите на дискриминација.
КСЗД е независно тело за еднаквост чија ефикасност, непристрасност и исполнување на надлежностите е директно зависно од знаењата, екпертизата и интегритетот на комесарите/ките. Кандидати кои немаат знаења и се избрани по партиски клуч не можат да штитат и да превенираат од дискриминација, особено имајќи предвид дека тие мандатот го должат на партиите, а не на сопственото знаења и искуство. Оттука, наместо еднаквоста на граѓаните, овие кандидати ќе ги штитат партиските и личните интереси од позиција на членови на КСЗД.
Помеѓу кандидатите имаше и независни експерти, со долгогодишно докажано искуство во областа на антидискриминацијата и човековите права, кои при самото претставување укажаа на важноста на избор на независен кандидат. Оттука, сметаме дека Собранието можеше да направи избор на квалитетни кандидати кои уште повеќе ќе ја унапредат работата на КСЗД. Законските критериуми за избор на членови на КСЗД се: седум години работно искуство од областа на човековите права од кои пет години во областа на еднаквост и недискриминација; 240 ЕКТС кредити; да е државјанин/ка на РСМ; во моментот на изборот со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна затвор од над шест месеци или забрана за вршење на професија, дејност или должност и да не е носител на функција во политичка партија.
Од друга страна, загрижува праксата на закажување седници на нетранспарентен и неинклузивен начин мораме да потенцираме и дека седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата беше организирана на нетранспарентен начин, со тоа што поканата за учество на расправата беше пратена во последниот работен ден пред одржување на расправата.
Оттука, Мрежата за заштита од дискриминација бара Собранието да не го именува кандидатот предложен од Комисијата за прашања на изборите и именувањата и да избере независни кандидати/ки по заслуга, кои ги исполнуваат законските критериуми.
________________________
ОБЈАВЕНО ВО ВЕСТИ, НОВОСТИ, РЕАКЦИИ И СООПШТЕНИЈА
ВЕСТИ / НОВОСТИ / РЕАКЦИИ И СООПШТЕНИЈА
Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација со остра реакција на законите за основно образование и учебници со кои младите остануваат без здравствена едукација базирана на докази …
ОБЈАВЕНО НА 03 АПРИЛ 2025 ОД ADMIN
Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација со остра реакција на законите за основно образование и учебници со кои младите остануваат без здравствена едукација базирана на докази во основните училишта и се озаконува насилство врз децата
Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација најостро реагираат на најновите измени и дополнувања на Законот за основно образование и Законот за учебници, со кои се озаконува дискриминацијата и насилството, а се бришат темите за сексуално и репродуктивно здравје и родова еднаквост. Овие законски измени се носат без консултација со младите и стручната јавност и директно се спротивни на потребите на младите.
Во време кога државата се соочува со најголемата трагедија во својата понова историја, во која 59 млади животи беа изгубени во Кочани поради системска корупција, неказнивност и негрижа за граѓаните, Собранието како прв приоритет носи закони што дополнително ја загрозуваат добросостојбата на младите.
Законот за основно образование се менува два пати за само неколку месеци, во нетранспарентна постапка, без вклучување на стручната јавност и во спротивност со домашните и меѓународните регулативи. Последните измени беа донесени по скратена постапка иако претставуваат значително отежнување на остварувањето и заштитата на човековите права. Продолжувањето на ваквите антидемократски процеси, каде што клучни закони се носат по брза постапка, без јавна дебата и без вклучување на експерти и младите, е неприфатливо и загрижувачко.
Бараме итно запирање на овие штетни законски измени и отворен дијалог со младите, експертите и граѓанските организации за креирање политики што вистински одговараат на потребите на младите и ја штитат нивната иднина.
Податоците за насилство дискриминацијата и здравјето кај младите се алармантни и треба да ги загрижат сите родители, наставници и граѓани на оваа држава:
Насилството е нормализирано во Македонија, се почести се случаите на вознемирување, сексуално насилство, малтретирање и силување кај младите извршено од малолетници, како во училиштата, така и во јавните простори;
Стапката на просечно стапување на прв сексуален однос кај младите во Македонија изнесува 15 години односно 16 години за девојчињата. За споредба со земјите каде здравствената едукација е интегрирана во училишните програми, младите го одложуваат влегувањето во прв сексуален однос, некаде дури и до 19 годишна возраст;
Стапката на тинејџерска бременост во 2023 година изнесува 13.4 на 1000 девојки на возраст од 15-19 години;
Младите на возраст од 15 до 18 години се најмногу изложени на насилство за разлика од другите возрасни групи во државата и младите кои ѝ припаѓаат на ЛГБТИ задницата се и до четирипати почесто малтретирани во училиште од хетеросексуалните врсници[1]. Дополнително, 15-годишници со хомосексуална и бисексуална ориентација страдаат два или повеќе пати почесто во споредба со своите хетеросексуални врсници, честопати со повеќе психосоматски симптоми (74%), чувства на тага и безнадежност (47%) или со сериозни самоубиствени мисли (30%).
Само во периодот од 2021-2023 се документирани 82 случаи на насилство во образованието врз ЛГБТИ млади, при што образованието е втора област по ред со најмногу документирани случаи на институционално насилство врз ЛГБТИ, после здравството.
Загрижува податокот дека никој од стручната јавност, ниту младинските организации, не побараа ваков тип на законски измени во образованието. Токму затоа прашуваме, дали Владата и Парламентот се во директна спрега со неформални и формални радикални групи, кои под превезот на „заштита на правата на децата” секојдневно промовираат –дискриминација, омраза, насилство, шират теории на заговор против употреба на вакцините и други методи за здравствена превенција базираат на докази. Истите групи веќе неколку години промовираат антидемократски процеси и оркестрирано напаѓаат стручни лица, активисти од граѓанскиот сектор, новинари. Оваа насока е целосно спротивна на заложбите на државата за ЕУ интегративните процеси.
Оттука бараме:
Претседателката на државата да не ги потпише Указите за донесување на законите за измена и дополнување на Законот за основно образование и Законот за учебници за основно и средно образование
Владата и Парламентот да ги реобмислат законите во образованието кои директно им штетат на здравјето на младите.
Да обезбедат соодветни средства за спроведување на Законот за млади и да се инвестира во младинските центри во кои ќе се креираат безбедни простори за младите, обезбедат психолошки и здравствени услги за младите ширум државата
Одржување на надзорна расправа за предизвиците и препреките во имплементација на Законот за спречување и заштита од дискриминација пред Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот
Отворање на широка дебата со младите, младинските организации, стручните здравствени организации и кои работат на заштита на правата на маргинализираните заедници, и подготовка на измени на Законот за основно образование, Законот за средното образование и Законот за учебници за основно и средно образование базирани на докази и наука, и во согласност со меѓународните документи за заштита на човекови права со кои суштински ќе се покаже вистинска грижа за младите.
Итно и неодложно спроведување на подзаконски акти за заштита на децата од насилство и дискриминација во училишта.
[1] Студија за однесувањатата поврзани со здравјето на децата на училишна возраст (11, 13, 15 години) во Северна Македонија
________________________
ОБЈАВЕНО ВО ВЕСТИ, НОВОСТИ, РЕАКЦИИ И СООПШТЕНИЈА
ВЕСТИ / НОВОСТИ / РЕАКЦИИ И СООПШТЕНИЈА
Стигмата и дискриминацијата кон одредени групи на граѓани нема да ја унапреди безбедноста на лекарите и другите здравствени работници
Минатата недела се случи свирепо убиство на матичен лекар од Скопје во близина на неговата ординација во Поликлиниката Железара. Сите сме згрозени од овој настан и разбираме дека истиот сериозно …
ОБЈАВЕНО НА 02 АПРИЛ 2025 ОД ADMIN
Минатата недела се случи свирепо убиство на матичен лекар од Скопје во близина на неговата ординација во Поликлиниката Железара. Сите сме згрозени од овој настан и разбираме дека истиот сериозно влијае на чувството на небезбедност на медициснкиот кадар во државава на нивното работно место.
По повод овој кривично правен настан легитимно во јавноста имаше реакција Здружението на приватни лекари на Република Македонија, кои се обратија до надлежните со барање да го решат овој случај, но и да го подигнат нивото на безбедност на здравствените работници. И ние организациите кои сме дел од оваа Мрежа, ги поддржуваме барањата на матичните лекари до здравствените власти да се подигне нивото на безбедност во вршење на нивната работа.
Но, не можеме да поддржиме стигматизирачки и дискриминаторски говор од страна на претставници на оваа клучна фела. Имено во повеќе наврати преку националните и локални телевизии Претседателката на Здруженито на приватни лекари на Република Македонија изнесе ставови како цитираме:
„пациенти кои се психички нестабилни, пациенти кои се зависници, пациенти со анксиозно депресивни состојби, биполарни растгројства“
„а имаме секакви пациенти, значи кај нас доминираат пациенти кои се тешки зависници, кои што психички се многу пореметени, кои што имаат тешки психички проблеми, имаме повратници од затвор кои што извршиле тешки дела..“[1]
„кај мене се јавуваат колеги од многу градови кои што се жалат дека им влегле зависници во работно време, агресивно делувале, влегле право кон шкафовите за врат се фатиле, вчера имав колега кој што ми пријави дека во Гевгелија многу често се случувало да им влезат во ординација и насилно да се однесуваат….кај нас влегуваат секаква структура на пациенти…имаме депресивни, агресивни, анксиозно депресивни, имаме шизофреничари, одредени дијагнози коишто самата болест ги тера да бидат такви…“[2]
„… а во тој народ има секакви, повторно ќе кажам бројот на пациенти кои се под антидепресиви, под седативи, имаме огромен број на пациенти кои што се зависници, значи кај нас секаква патологија се третира…кај нас има секакви пациенти, зависници, психички болни, нестабилни, во афективни состојби идат….“[3]
Ваквите ставови се стигматизирачки и се темелат на предрасуди кон луѓето со наведени карактеристики и изјава. Овие изјави очекувано е да ја продлабочат веќе постоечката дискриминаторска пракса помеѓу матичните лекари, преку која се ограничува пристапот до лекување на луѓе кои се соочуваат со зависности. За овие луѓе и досега беше предизвик да станат матични пациенти кај матичните лекари во државава, но после оваа дискриминаторска изјава очекувано е матичните лекари да не сакаат да примаат луѓе кои се соочуваат со зависност за свои пациенти, плашејќи се за својата безбедност.
Ограничувањето на пристап до матичен лекар за луѓе кои се соочуваат со зависност во изминатите две децении е документирано во многу случаи за кои преку механизмот на Отворено Владино Партнерство побарано е од надлежните институции да ги преземат сите неопходни мерки со цел да се надмине ваквата дискриминаторска пракса и да им се овозможи непречен пристап до здравствена заштита и на овие луѓе.
Неоправдано е голем број на луѓе со сериозни здравствени состојби и со потреба од непречен пристап до здравствени услуги да им биде ускратено ова право врз основа на предрасуда која се заснова исклучиво на стереотипите за овие групи на луѓе.
Затоа, преку оваа јавна реакција поддржуваме:
Унапредување на безбедноста и сигурноста на матичните лекари и останатиот медицински кадар преку воспоставување на мерки кои ќе ја гарантираат нивната безбедност,
И бараме:
Постапување со должно внимание и спроведување на целосна и темелна истрага како во конкретниот случај на убиство на матичниот лекар, така и во сите други случаи кога била загрозена безбедноста на работно место на медицинскиот персонал во здравствениот систем во државава со цел сторителите на вакви дела да бидат отркиени и изведени пред лицето на правдата,
Прекинување на праксата на неказнивост на насилството врз здравствените работници и лекарите со цел испраќање на сите евентуални сторители дека насилството врз здравствени работници нема да се толерира,
Но, бараме и:
Сензибилизација на лекарите и останатите здравствени работници со цел надминување на стигмата и предрасудите за пациенти кои се соочуваат со различни психички растројства вклучително и зависност од психоактивни супстанции но и други зависности со цел истите да не бидат исклучени од системот на здравствена заштита,
Казнување на досегашната дискриминаторкса пракса за неприфаќање на пациенти кои се соочуваат со одредени психички состојби и зависности со цел надминување на ваквата незаконска пракса.
Лекувањето е право, а не привилегија!
___________________
[1] [1] https://24.mk/details/privatnite-matichni-lekari-vo-ponedelnik-od-12-do-16-chasot-nema-da-rabotat-poradi-ubistvoto-na-lekarot
[2] https://www.youtube.com/watch?v=RwyAYFeqfaI&ab_channel=%D0%A1%D0%B8%D1%82%D0%B5%D0%BB%D0%A2%D0%B5%D0%BB%D0%B5%D0%B2%D0%B8%D0%B7%D0%B8%D1%98%D0%B0
[3] https://www.youtube.com/watch?v=6LbdOGp0JBc&ab_channel=TelevizijaStar
________________________
ОБЈАВЕНО ВО ВЕСТИ, НОВОСТИ, РЕАКЦИИ И СООПШТЕНИЈА
ВЕСТИ / НОВОСТИ / РЕАКЦИИ И СООПШТЕНИЈА
Остра реакција на Мрежа за заштита од дискриминација: Советот на јавни обвинители да се извини за навредите кон Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и да преземе мерки за превенција од родова дискриминација во институцијата
На 95-та седница на Советот на јавни обвинители одржана на 11.01.2024 година, се дискутираше за мислењето на Комисијта за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), со кое се утврдува дискриминација …
ОБЈАВЕНО НА 17 ЈАНУАРИ 2024 ОД ADMIN
На 95-та седница на Советот на јавни обвинители одржана на 11.01.2024 година, се дискутираше за мислењето на Комисијта за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), со кое се утврдува дискриминација во постапката за избор на јавен обвинител во повисоко јавно обвинителство.
Во мислењето на КСЗД воедно е дадена и препорака поранешниот претседател на СЈОРСМ јавно да се извини за сторена дискриминација.
Мрежата за заштита од дискриминација изразува сериозна загриженост и остро реагира бидејќи на седницата, од страна на членовите на СЈОРСМ биле изнесени крајно деградирачки и навредливи ставови и мислења за Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Особено од страна на некои членови кои кажале дека Комисијата за спречување и заштита од дискриминација е „квази орган, во кој нема правници, дека давала само препораки, а нивните мислења се неважни“. Дополнително, било истакнато дека мислењето на КСЗД нема да биде земено предвид и дека тоа ќе биде оспорено пред Управниот суд.
По овој повод, потенцираме дека несогласувањата со определено мислење мора да бидат аргументирани, а не изнесувани како навреди кон субјектот кој го изнел мислењето. Дотолку повеќе, што ваквото поведение на СЈОРСМ се има случено и неколку пати во минатото кога СЈОРСМ има изнесено вакви навреди кон граѓанскиот сектор, универзитетски професори, ДКСК и други субјекти.
Во мислењето на КСЗД јасно е образложено дека СЈОРСМ сторил дискриминација кон Ленче Ристоска. Претседателот Јолевски, јавно коментираше дека била на породилно отсуство. Бременоста, боледувањето поради компликации поврзани со бременоста, раѓањето и мајчинството не смеат да бидат причина за жена да не напредува во кариерата или да се земаат предвид како фактори кои ќе се дикутираат и оценуваат за време на одлучувањето за вработувањето или унапредувањето. Оваа форма на дискриминација зборува за нееднаквите услови за мажите и жените на пазарот на труд и има клучно влијание на родовата нееднаквост во оваа област. Од јавните обвинители се очекува да имаат елементарни познавања за поимот дискриминација, бидејќи таа е и кривично дело, според што тие треба да штитат од дискриминација. Минималниот стандард за институцијата е да не постапува дискриминаторски и да има внатрешни правила и процедури за спречување и заштита од дискриминација во работењето на институцијата, вклучително и во областа на вработување и унапредување. Забрана за прашување и коментирање на венчалниот статус, мајчинството, бременоста и раѓањето се минимални стандарди за превенција од дискриминација во трудот.
Уште повеќе, сметаме дека јавно извинување не е ефикасено решение за овој случај, со истото не се решава проблемот, туку се овозможува продолжување на дискриминација преку опстојување на одлука за избор на кандидати заснована на дискриминација, без да претпоставуваме што би бил резултатот од постапката доколку возраста, бременоста и мајчинството не биле земени предвид. Сметаме дека КСЗД требаше да препорача повторување на постапките и донесување на внатрешни акти за спречување и заштита од дискриминација во СЈОРСМ.
Потенцираме дека пред Управниот суд не може да водат управни спорови против мислењата на КСЗД бидејќи тие не се управни акти. Коментарите на СЈОРСМ и тужбите ги сметаме за обиди за вмешување и влијание врз работата на КСЗД која има статус на независно тело за еднаквост.
Скопје, 17.1.2024 Лице за контакт: Тона Карева tona.kareva@mhc.org.mk 078220694
________________________
ОБЈАВЕНО ВО ВЕСТИ, НОВОСТИ, РЕАКЦИИ И СООПШТЕНИЈА
Реакција: Убиството во Кочани е фемицид! Бараме преквалификување на делото
Случајот на фемицид, најтешкиот вид на родово базирано насилство, кога во Кочани жена беше избодена до смрт, иако претходно го пријавувала сторителот за уцена и барала заштита, Основното јавно обвинителство …
ОБЈАВЕНО НА 23 СЕПТЕМВРИ 2023 ОД ADMIN
Случајот на фемицид, најтешкиот вид на родово базирано насилство, кога во Кочани жена беше избодена до смрт, иако претходно го пријавувала сторителот за уцена и барала заштита, Основното јавно обвинителство Кочани го квалификуваше како убиство на свиреп начин, со што се потврдува фактот дека институциите сѐ уште не го препознаваат родово базираното насилство.
Основното јавно обвинителство Кочани донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице поради основано сомнение дека сторил кривично дело –Убиство според член 123 став 2 точка 1 од Кривичниот законик.
„Осомничениот, на 25 септември, на свиреп начин лишил од живот една жена, нанесувајќи и многубројни убоди со нож. Тој од дома зел кујнски нож и знаејќи го патот по кој оштетената се движи кога оди кон работа, ја пречекал и и задал повеќе убодни рани во пределот на градите, стомакот, вратот и рацете. Од повредите, жртвата починала на лице место“ – стои во соопштението на ЈО Кочани.
Ова несомнено покажува дека фемицидот како родово базирано насилство повторно не е препознаено. Оттука, бараме Основното јавно обвинителство да го преквалификува кривичното дело – фемицидот во Кочани согласно член 123, став 2, точка 2а – друг ќе лиши од живот жена или девојче до 18 години, при вршење на родово-базирано насилство, согласно последните измени на Кривичниот законик.
Дополнително, Платформата за родова еднаквост ќе поднесе барање до државниот јавен обвинител Љубомир Јовевски за преквалификување на делото, согласно член 123 став 2, точка 2а.
ОБЈАВЕНО ВО ВЕСТИ, НОВОСТИ, РЕАКЦИИ И СООПШТЕНИЈА
Реакција: Уште еден фемицид поради непостапување на институциите
Згрозени од најновиот случај на фемицид, кога во Кочани жена беше избодена до смрт, иако претходно го пријавувала сторителот за уцена и барала заштита, се сомневаме дека институциите не постапиле …
ОБЈАВЕНО НА 27 СЕПТЕМВРИ 2023 ОД ADMIN
Згрозени од најновиот случај на фемицид, кога во Кочани жена беше избодена до смрт, иако претходно го пријавувала сторителот за уцена и барала заштита, се сомневаме дека институциите не постапиле според своите надлежности и бараме да се утврди одговорност.
Не, не станува збор за немил или трагичен настан, како што известија некои медиуми, туку станува збор за убиство, фемицид, којшто како таков треба да биде квалификуван и претставуван во јавноста. Затоа што ниту е трагичен случај, ниту е немил настан, туку е убиство на жена – фемицид и е најсериозниот вид на родово базирано насилство.
Дали институциите постапиле? Очигледно дека жртвата не добила соодветна заштита и дека системот на заштита потфрлил, особено заради тоа што видовме дека повеќе пати било пријавувано од страна на жртвата. Во каков однос биле осомничениот и жртвата во овој случај воопшто не е значајно затоа што станува збор за родово базирано насилство.
Ова навистина отвора сомнеж за тоа дали соодветно и со должно внимание било постапувано од страна на институциите и дали пријавите што ги поднела жртвата биле третирани како пријави за родово базирано насилство и дали биле преземени сите соодветни мерки, како од полицијата, зато што жртвата пријавувала во полиција, така и од обвинителството, но и од центарот за социјални работи, како институции кои што треба да пружат заштита на жртвите на родово базирано насилство.
Пред само еден месец се случи фемицид и во Куманово со две жртви кои исто така неколку пати пријавувале насилство, но и во тој случај институциите не реагирале со должно внимание, навремено и според своите надлежности.
Сето ова покажува дека нивото на свесност и на знаење се’ уште е ниско и дека навистина има потреба од зголемување на капацитетите на институциите да постапуваат во овие случаи, затоа што повторно се случува фемицид и веќе не смееме повторно во иднина да се соочуваме со овој проблем.
И овој случај го потврдува сознанието дека сите напори за справување со овој проблем се недоволни ако не се придружени со соодветно институционално постапување. Ваквото постапување во случаи на родово базирано насилство само дополнително го зголемува и онака високиот степен на недоверба во надлежните институции. Сето ова значително влијае граѓаните да бидат демотивирани да го пријават насилството, што пак директно ја зголемува веројатноста насилството да кулминира со убиство.
Секоја трагична смрт на жена само зашто е жена нѐ остава со горчливото сознание дека сите напори на граѓанскиот сектор за справување со овој проблем (подигнување на свеста, поддршка за жртвите на насилство и застапување за системски промени) се едноставно недоволни ако не се придружени со поширока институционална и општествена акција. Семејното и родово базираното насилство не е приватна работа.
Очекуваме дека институциите соодветно ќе ја завршат својата работа во однос на понатамошното постапување по случајот и дека правилно ќе го квалификуваат делото како убиство при вршење родово базирано насилство. Она на што укажува овој и бројни други случаи е потребата институциите да започнат да работат и во рамки на својата превентивна улога за заштита од родово базирано насилство, со цел овие случаи да немаат вакви фатални завршници.
Ги повикуваме и медиумите со должно внимание да известуваат за овој случај, особено ако ги имаме предвид коментарите што ги читаме по објавите на оваа вест, што е особено загрижувачки и покажува дека и јавноста има потреба од зголемување на знаењата во однос на родово базираното насилство и фемицидот.
ОБЈАВЕНО ВО РЕАКЦИИ И СООПШТЕНИЈА
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација треба да прави разлика помеѓу институтите поттикнување дискриминација, вознемирување на дискриминаторска основа и говор на омраза
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во изминатиот период одлучуваше во две поврзани претставки поднесени од страна на Коалицијата Маргини и Скопски квир центар. Предмет на претставките е статус …
ОБЈАВЕНО НА 11 СЕПТЕМВРИ 2023 ОД ADMIN
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во изминатиот период одлучуваше во две поврзани претставки поднесени од страна на Коалицијата Маргини и Скопски квир центар.
Предмет на претставките е статус на Фејсбук на Драгана Спасевска, една од гласноговорничките на анти-родовите движења, во кој прикажува фотографија од вежба за среќно семејство на која се прикажани слики од истополови двојки и која наводно била дадена во основното училиште Свети Кирил и Методиј во општина Центар. Со фотографијата го објавува следниот текст:
“Домашна работа за I-во одделение во ОУ. “Св. Кирил и Методиј’ Скопје-центар. Ваква “грешка“ на наставник кој го дал ова работно ливче и не е баш грешка. Јетон Шакири министре! Кога веќе имате најава дека ќе вршите измени во законот за основно образование, тогаш веднаш да ги измените и членовите од законот во кој се вметнати термините кои се против уставни и без законска регулатива! Знаете добро за што зборувам! Секое полнолетно лице нека избере што сака и нека се определи како сака, но тој, па ни било кој друг нема право да го наметнува ова на НАШИТЕ ДЕЦА од најрана возраст! Семејството го сочинуваат МАЈКА И ТАТКО! МАЖ И ЖЕНА! БЕРЕТЕ УМ!“.
Овој статус го сподели директорот на основното училиште во Прилеп, Ахил Јаков, на што допиша: „До развратните: Рецептот за среќно семејство го сочинуваат мајка татко и деца (маж и жена)!!! Овие психо – развртени – неуротични – обратно згрешени работи како долу на сликата нема да ги учат нашите ученици!!!“.
Двата случаи беа пријавени во КСЗД со посебни претставки. По претставката против Ахил Јаков, КСЗД утврди дискриминација во форма на вознемирување врз основа на сексуална ориентација, согласно основот и обликот на дискриминација наведени во претставката. Согласно позитивна регулатива i судската практика на Европскиот суд за човекови права, говорот кој го употребува Ахил Јаков е несомнено говор на омраза. Со него истополовите двојки, различни од сите останати по сексуалната ориетација грубо се навредуваат, се прикажуваат како штетни за општетството, а особено за децата.
Но, Комисијата не утврди поттикнување на дискриминација од страна на Драгана Спасевска. Со претставката се бара утврдување на повикување, поттикнување и инструкција за дискриминација врз основа на сексуална ориентација. Во претставката е наведено дека статусот сам по себе е дискриминаторски и промовира идеја дека истополовите двојки не се еднакви со хетеросексуалните, дека се штетни, непожелни, а особено е штетно децата да знаат дека вакви двојки постојат и дека имаат право на семејство. Со цел да се потенцира разликата помеѓу институтите говор на омраза и повикување и поттикнување дискриминација, во претставката се наведува дека „статусот сам по себе ја нема преминато линијата на говор на омраза, односно на директен начин не ги претставува ЛГБТИ луѓето како болни, штетни, морално корумпирани и слично. Статусот поттикнува дискриминација на непосреден начин, односно создава дискурс во кој истополовите двојки т.е. хомосексуалците се прикажуваат како штетни, болни, а нивните врски не се соодветни за да бидат опфатени во образованието.“ Таквото резонирање на Комисијата не е базирано врз позитивните прописи и претставува сериозно мешање на квалификациите на правните институти „говор на омраза“ и „повикување и поттикнување на дискриминација“.
Разлики помеѓу вознемирување, говор на омраза и повикување и поттикнување дискриминација
Во националното антидискриминационо законодавство, се прави разлика помеѓу вознемирување (и сексуално вознемирување) и повикување, поттикнување и инструкции за дискриминација. Националното антидискриминационо законодавство не го користи терминот „говор на омраза“. Согласно законот, вознемирувањето е несакано постапување кон лице или група врз дискриминаторски основи што има за цел или последица, повреда на достоинството или создавање на заканувачка, непријателска, понижувачка и засташувачка средина, пристап или практика[1]. Со оваа широко поставена дефиниција се обезбедува заштита од говор на омраза[2], но и од говор кој нужно не ги исполнува сите елементи на говорот на омраза, туку доволно е да вознемирува на дискриминаторска основа. Поттикнувањето на дискриминација е дефинирано како секоја активност со која посредно или непосредно се повикува, охрабрува или дава упатства или поттикнува да се изврши дискриминација. Оттука, самиот член прави разлика помеѓу различни дејства, да се повикува, да се поттикнува и да се даваат инструкции. Притоа, се предвидува дека овие дејства можат да се извршат посредно или непосредно. За повик на дискриминација врз основа на сексуална ориетација може да се смета говор со кој се повикува власта да не овозможи некое право на ЛГБТИ луѓето кое го имаат останатите (на пример, брак, партнерство и слично). Инструкциите за дискриминација се конкретни дејства во кои едно лице му кажува на друго на кој начин да изврши дискриминација, на пример, сопственикот на кафулето му вели на келнерот да не прима геј и транс лица. Поттикнувањето дискриминација е многу пошироко, тука можат да влезат дејства со кои се шират идеи за нееднаквост на една група во однос на друга на дискриминаторска основа. Во статусот на Драгана Спасовска има елементи на повикување и поттикнување дискриминација.
Во расудувањето Комсијата не прави разлика помеѓу вознемирување, говор на омраза и поттикнување дискриминација, иако и самот закон и правната теорија ги разликуваат овие поими. Говорот на омраза е дефиниран низ практиката на ЕСЧП, а Комисијата ги користи овие дефиниции и ги применува при одлучувањето дали одредно дејство е поттикнување дискриминација.
„За одредено дејствие да се смета за повикување на дискриминација, истото мора да содржи нешто што претставува навреда, клевета, исмевање или друго дејствие кое би поттикнало дискриминација…“ – се вели во мислењето на Комисијата.
Во мислењето КСЗД наведува дека Драгана Спасевска не упатила невреди, исмевање и клеветење на ЛГБТИ луѓето, од каде не извршила поттикнување на дискриминација. Навреди, исмевање и клеветење кои се засноваат на дискриминаторска основа се елементи на говор на омраза образложени, меѓудругото, и во случајот Вејдланд и други против Шведска[3]. За поттикнување дискриминација, соглсно ЗСЗД, доволно е и непосредно охрабрување. При расудувањето КСЗД, пред сѐ, треба да ги има предвид законските дефиниции, кои понатаму ги дополнува со релевантна судска практика на ЕСЧП и други меѓународни тела за човекови права, вклучително и мекото право. Притоа, клучно е да се земе предвид степенот на заштита која ја нуди КСЗД како квази-судско тело. Во случајот Вејдланд против Шведска (и други случаи за кои има одлучувано ЕСЧП[4]) станува збор за кривично-правна заштита од говор на омраза. Кривично-правната заштита од говор на омраза е суштествено различна од квази-судската заштита на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која земајќи ги предвид последиците кон сторителот, има повеќе симболичен, превентивен и деклараторен карактер. Со поднесување на претставка до КСЗД не се бара кривично да се осуди сторителката што има далеку посериозни последици, туку телото за еднаквост да утврди поттикнување дискриминација, да препорача да се извини и да се воздржи од ваков говор во иднина. Токму поради можните разлики во интензитетот, контекстот и сериозноста на одреден говор, постојат овие различни институти и државите предвидуваат различен степен на одговорност за говор со различен интензитет. Па така, КСЗД може да утврди дискриминација во случаи во кои станува збор за говор на омраза за кој пропорционална би била кривична санкција (во вакви случаи може да прпорача на органите за прогон да иницираат истрага и обвинителни акти), но исто така, може да утврди некој облик на дискриминација и за говор со помал интензитет и сериозност, за кој пропорционална санкција би било препознавање како таков од страна на тело за еднквост, препорака, административна казна, јавна осуда и друго.
Во мислењето КСЗД го цитира случајот Хендисајд против Обединетото Кралство, кој е комплетно неапликативен за предметот на претставката. Во Хендисајд не се работи за говор на омраза, туку за кривична осуда на издавач на книга која според властите имала непристојни содржини. Земајќи го предвид предметот на случајот (книга која има за цел да ги едуцира тинејџерите за сексот), цитираниот дел од пресудата во кој се тврди дека слободата на изразување не вклучува само “информации или идеи кои се поволно примени или се сметаат за ненавредливи или како прашање на индиферентност, туку и оние кои ја навредуваат, шокираат или вознемируваат држатата или кој било дел од населението“, се однесува на содржини кои на афирмативен начин зборуваат за сексуалноста, вклучително и хомосексуалноста. Комисијата пропуштила да направи разлика помеѓу говор кој ја шокира јавноста и кој ја ужива заштитата дадена од слобода на изразување, поради прикажување на поинакви ставови од доминантната норма, наспроти говорот на Драгана Спасовска кој има за цел негирање на афирмацијата на правата на истополовите двојки и создавање средина на нетолеранција. Говорот, предмет на претставката, е насочен против правата на маргинализирана група, тој не го вознемирува мнозинството и државата, напротив ја продлабочува фанатичната институционализирана омраза кон ЛГБТИ луѓето.
Неземање предвид дека повикувањето и поттикнувањето дискриминација било успешно
На статусот има околу 700 реакции, 320 споделувања и повеќе од 60 коментари со експлицитен говор на омраза (навреди, омаловажувања, клеветења и повици за насилство и убиство)[5]. Коментарите содржат говор на омраза, или со јазикот на ЗСЗД, вознемирување врз основа на сексуална ориетација и родов идентитет. Ова е видливо и од статусот на директорот Ахил Јаков, кој го сподели статусот и со својот коментар стори вознемирување врз основа на сексуална ориетација, препознаено од Комисијата. Со други зборови, Драгана Спасовска успешно поттикна дискриминација, во форма на вознемирување врз основа на сексуална ориетација, што Комисијата го утврди во случајот на Ахил Јаков.
Но, Комсијата во мислењето трвди дека не постои причинско-последична врска помеѓу статусот и коментарите под статусот од каде утврдува дека пријавената не е одговорна за коментарите. Причината било тоа што статусот бил упатен кон Министерот за образование, а не кон ЛГБТИ заедницата, без притоа да се земе предвид дека со статусот Драгана Спасовска бара од Министерот да се скратат правата на заштита од дискриминација на ЛГБТИ луѓето во образованието и да не се прикажуваат нивните заедници како еднакви со хетеросексуалните. Не е јасно како Комисијата не ја гледа причинско-последичната врска помеѓу статус со кој се бара МОН да ги тргне одредбите за заштита од дискриминација во Законот за основно образование и да не ги прикажува истополовите зеадници како еднакви и коментари во кои ЛГБТИ луѓето се клеветат, навредуваат и се бара да се убијат. Целта е иста, коментарите се само поекстремен начин на промовирање на идеи за нееднаквост на ЛГБТИ луѓето.
Но дури и Комисијата да не ја гледа причинско-последичната врска, коментарите кои содржат вознемирување под статусот се факт. Пријавената не ги избришала коментарите пред приемот на претставката. Согласно практиката на ЕСЧП, оној кој има моќ/можност да модерира коментари има обврска и одговорност истото да го стори[6].
Контекстот е клучен
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација е национално тело за еднаквост, кое во изминатиот период одлучуваше за повеќе претставки за вознемирување врз основа на род, сексуална ориентација и родов идентитет на социјалните мрежи сторени од различни актери од анти-родовото движење, како што е пријавената Драгана Спасовска. Комисијата во рамки на своите надлежности има обврска да ги следи состојбите во областа на родовата еднаквост и да ги користи своите надлежности за да се спротистави на обидите за уназадување на еднаквоста. Но, дури и тоа да не е случај, Комисијата и врз основа на своето предметно работење мора да била информирана за делувањето на анти-родовите движења и ефектите од овие кампањи. Комисијата нужно требала да земе предвид дека ова не е изолиран случај во кој пријавената и нејзините соработници поттикнуваат дискриминација кон ЛГБТИ луѓето, туку станува збор за организирана кампања на повеќе актери со која се застапуваат против родовата еднаквост и против унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето, притоа служејќи се со дезинформации и говор на омраза.
Како национално тело за еднаквост, согласно нејзините законски надлежности за промоција на еднаквост, Комисијата треба да биде клучен агент за унапредување на родовата еднаквост и правата на ЛГБТИ луѓето, што подразбира информирање на институциите и јавноста за анти-родовите движења, подигнување на свеста за опасноста од нивните капањи и застапување за донесување на закони и политики за афирмација на родовата еднаквост и ЛГБТИ правата. Но, до сега, не следиме значајна активност на Комисијата во областа на родовата еднаквост и во спротиставувањето на анти-родовите движења. Напротив, со неутврдувањето на поттикнување дискриминација во овој случај, Комисијата придонесува кон легитимирање на овие движења и на злоупотребата на човековите права за негирање на правата на другите.
Заклучок и препораки
Ова мислење на Комисијата е непрофесионално бидејќи се одликува со несоодветна примена на правни институти, нивно неразликување, како и нелогично и недоволно аргументирано правно расудување. Комисијата не ги користи доволно своите надлежности од експертската и певентивната функција во унапредување на родовата еднаквост и ЛГБТИ правата, особено земајќи предвид дека еднаквоста врз основа на род, сексуална ориетација и родов идентитет се ставени во опасност од страна на засилена мобилизација на анти-родовите движења.
Мрежата препорачува Комсијата да ги зајакне своите капацитети во препознавање и разликување на вознемирување,повикување и поттикнување дискриминација и говор на омраза и да ги зајакне своите знаења за меѓународните стандарди во овие области, со цел соодветно да ги користи во работењето по предмети. Мрежата препорачува Комисијата активно да ги мониторира состојбите во областа на родовата еднаквост и ЛГБТИ права, вклучително и антиродовите движења, да известува и да ја инаформира јавноста. Исто така, Комсијата треба активно да се вклучи во процесот на застапување за донесување на Законот за родова еднаквост и предлог Законот за матична евиденција и проактивно да бара и да предлага унапредување на политиките и практиките.
[1] Член 10 став 1, ЗСЗД
[2] “Под говор на омраза се подразбираат сите видови изразување кои поттикнуваат, промовираат, шират или оправдуваат насилство, омраза или дискриминација против личност или група на лица, или кои омаловажуваат, поради вистински или припишани лични карактеристики или статус, како раса, боја, јазик, религија, националност, национално или етничко потекло, возраст, попреченост, пол, родов идентитет и сексуална ориентација.“ Recommendation CM/Rec(2022)16[1] of the Committee of Ministers to member States
on combating hate speech (Adopted by the Committee of Ministers on 20 May 2022 at the 132nd Session of the Committee of Ministers)
[3] CASE OF VEJDELAND AND OTHERS v. SWEDEN (Application no. 1813/07), 9 February 2012
[4] Лилиендал против Исланд, Беизарас и Левицкас против Литванија и други.
[5] Дел од кометарите се: “Сатанисти; Уште во I одд., перење мозоци! Изроди! ; Некој се труди да ја уништи главната клетка на ова општество.; Изроди; Ма све по списку што е новоизмислено треба да се запали; Овие книги под итно треба да се запалат и да се стави точка на едно вакво силување на нашите деца!; Се тера америчка болна пропаганда; Што е овааааа? Гилотина е спас, друго чаре немаааа. ; Види мал…ни виа треба под итно на кладиво на сред плоштад и тиа шо ги пишел овие книги и тиа што дозволил да се печатат.; Ќе не стигне некое проклетство и ќе исчезни човечкиот род! “
[6] Delfi AS v. Estonia – 64569/09, Judgment 10.10.2013
ОБЈАВЕНО ВО РЕАКЦИИ И СООПШТЕНИЈА